Средба на премиерот Заев со амбасадорот Жбогар: Брисел ја поддржува реформската Влада и гледа отворени можности за напредок на Македонија

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска се сретна со амбасадорот на ЕУ во Република Македонија, Самуел Жбогар.

На состанокот е реафиримирана поддршката на Брисел за реформската Влада во Македонија, којашто изрази подготвеност за суштински промени во државата со цел подигнување на квалитетот на животот на граѓаните, демократизација на општеството и отворање на евро-атлантските перспективи на државата.

Ставот што го пренесе евроамбасадорот Жбогар е дека Брисел и земјите членки на Унијата сега гледаат можност за напредок на Македонија и се подготвени на принципиелно и експертско ниво да и помогнат на Македонија во реформскиот процес.

Во таа насока се разговараше за престојните реформи во делот на правосудниот систем, во делот на медиумите и воспоставувањето професионални државни институции.

„Владата е цврсто определена кон создавање услови за независно судство, објективни медиуми, ефикасни државни инстититуции, чијашто цел се единствено потребите на граѓаните. Реформите на коишто се обврзавме во Планот 3-6-9 и ќе продолжиме да ги реализираме, инклузивно, со можност за вклученост на сите, поединци, групи, граѓанскиот сектор, опозицијата. Од големо значење е и поддршката и помошта што ја добиваме од нашите пријатели од Европа, кон којашто се стремиме како држава“, рече премиерот Заев.

На средбата е поздравен исчекорот што го прави Владата на Република Македонија кон добрососедските односи, во духот на регионалната соработка којашто отвора евро-атлантски перспективи, а со тоа и стабилност и безбедност за целиот регион.