Седница на Влада на РМ: Донесена е одлука за итно решение за депонијата во Струга, се поедноставува начинот на пресметка и наплата на персоналниот данок, усвоен е меморандумот за природен гас меѓу Македонија и Бугарија

 

Владата на Република Македонија, на денешната седница, меѓу другото, донесе одлука за итно решавање на проблемот со депонијата во Струга. За таа цел, Министерството за финансии и Генералниот секретаријат на владата добија задолжение да обезбедат финансиски средства со кои треба да се обезбедат услови за безбеден и економичен транспорт на сметот од струшката депонија до други безбедни депонии во Република Македонија.

Во однос на оваа точка од дневниот ред, беше истакнато дека во тек е ангажман на лица за обезбедување и надзор кои ќе ја надгледуваат целата локација, за да превенираат и спречат можни идни проблеми.

Владата на Република Македонија разгледа и усвои информација за статусот на проектот „Поедноставување на процедурите за известување и плаќање на персонален данок на доход“, проект финансиран од ИПА фондовите, чие спроведување ќе придонесе за олеснет начин на комуникација на Управата за јавни приходи со даночните обврзници и ќе се поедностави начинот на пресметка и наплата на персоналниот данок на доход. Проектот предвидува и намалување на административните процедури и трошоци, а беше нагласено дека од ваквиот нов пристап се очекува зголемена наплата на персоналниот данок на доход за околу 50 отсто.

Владата на Република Македонија го усвои и Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот на Република Македонија за 2017, по завршената амандманска расправа во собраниските комисии. Со овој предлог за измени и дополнувања на буџетот, се определуваат дополнителни 25 милиони денари по одредени ставки и се пренаменуваат финансиски срседства согласно потребите на буџетските корисници.

На денешната владина седница, е разгледан и усвоен „Меморандумот за соработка во полето на природниот гас“ помеѓу Министерството за економија на Република Македонија и Министерството за енергетика на Република Бугарија, за што владата го овласти министерот за економија, да го потпише меморандумот за соработка помеѓу двете земји.

Како што беше оценето оваа соработка ќе овозможи можност за нова директна врска помеѓу двата системи за природен гас на Република Македонија и Република Бугарија.

На седумнаесеттата владина седница беа донесени и заклучоци повразни со организацијата на институционалната прослава на националниот и државен празник 2 Август - Ден на Републиката.

Владата на Република Македонија определи и членови на Организациониот одбор за прослава на државниот празник 8 спетември - Ден на независноста на Република Македонија.

Категорија: