Одлуки за справување со опожарените подрачја, усвоени се предлог измените на законот за материјално обезбедување на стечајните работници, усвоени се дополнувањa на Законот за социјална заштита за значително унапредување на правата на лицата со попреченост

 

Владата на Република Македонија синоќа ја одржа 18-тата седница со повеќе точки на дневниот ред.


Како, итна, вонредна точка на дневниот ред на седницата со која претседаваше премиерот Зоран Заев, беше информацијата за пожарот во општина Македонски Брод, како и за други опожарени локации низ државата.

За време на седницата, Владата го задолжи Управувачки комитет за координација и управување на системот за управување со кризи, во состав: Оливер Спасовски, министер за внатршни работи, Горан Сугарески, министер за транскорт и врски, Радмила Шекеринска министерка за одбрана, Љупчо Николовски министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Мила Царовска министерка за труд и социјална политика,  Агрон Буџаку претседател на ЦУК, како и претставници на АРМ, претставник од кабинетот на Претседателот Ѓорѓе Иванов, претставник од ЈП Македонски Шуми и УХМР, да донесат итни заклучоци и мерки за засилено делување на сите надлежни институции, како и единиците на локалната самоуправа во насока на справување со сите активни пожари на територијата на Република Македонија.


Донесена е одлука Министерството за внатрешни работи да го зголеми присуството на терен во сите засегнати подрачја, ЈП Македонски шуми непрекинато да ја информира Дирекцијата за заштита и спасување за сите новонастанати состојби на терен, и соодветно на развојот на настаните на терен, да продолжи континуирано гасење и локализација на активните пожари, како и овозможувањена услови за делување на АРМ, активно вклучена на теренот.


На 18-тата седница Владата го разгледа и утврди и предлог законот за материјално обезбедување на стечајните работници закој се обезбедени финансиски средства со ребалансот на Буџетот. Со ова Законско решение ќе бидат опфатени 3.000 стечајни работници со што се решава нивниот долгогодишен проблем. Владата ја задолжи министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, да ја информира јавноста за деталите што ги предвидува овој закон.


За времено решавање на проблемот со депонијата во Струга, Владата на Република Македонија, донесе одлука да издвои 12.000.000 денари од резервите на Буџетот за да бидат наменети за компресирање и транспорт на сметот од депонијата во Струга на друга локација.


Владата на денешната 18-та седница ја отвори дебатата за усвојување на Предлог-Законот за употреба на јазиците. По првичната дискусија утврдено е дека е потребна понатамошна координација со цел да се постигне усогласување за начинот на имплементација на законското решение за употреба на јазиците односно да се доутврдат надлежностите кои би произлегле од законот во однос на двата органи кои ќе треба да се оформат: Агенцијата за примена на јазиците како и Инспекторатот за употреба на јазици. Предлог Законот за употреба на јазиците по утврдување на наведеното ќе биде ставен повторно на дневен ред на некоја од наредните владини седници.


На оваа седница, беше разгледана и усвоена и информацијата за потребата од вработување на дополнителен број социјални работници за повеќе Центри за социјална работа низ Република Македонија.


На седницата беше разгледан и утврден Предлог Законот за измени и дополнување на Законот за социјална заштита за кој беше констатирано дека предвидува значително унапредување на правата на лицата со попреченост, и беше заклучено дека Владата треба да го предложи овој предлог за измени и дополнувања на усвојување во Собранието на Република Македонија.


Исто така беше разгледан и утврден и предлог законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата со кој се предвидува продолжување на додатокот за деца со посебни потреби по службена должност.


На седницата Владата на Република Македонија донесе одлука со којашто се зголемува капиталот што Република Македонија го поседува во Меѓународната банка за обнова и развој со запишување на дополнителни 114 акции од страна на Република Македонија. За спроведување на оваа одлука овластен е министерот за финансии, Драган Тевдовски, кој треба да го потпише инструментот за запишување на акциите кај Меѓународната банка за обнова и развој - Светска банка.


На осумнаесеттата седница, Владата ја разгледа и усвои и информацијата за можноста за вршење на периодични здравствени прегледи од страна на здравствени работници од Министерството за здравство на корисниците во Дневните центри за деца и лица со пречки во развојот. На овој начин полесно ќе се утврди нивната здравствена состојба. За таа цел беше задолжено Министерството за труд и социјална политика во рок од 15 дена да иницира работна група со Министерството за здравство која ќе работи на реализација на оваа активност.


На барање на Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, Владата на Република Македонија ја разгледа и ја усвои информацијата за иницирање постапка за донесување на одлука за овластување на организација за изработка на одликувања на Република Македонија.


Галерија од седницата: https://flic.kr/s/aHsm1Ez4Lz

Категорија: