Информација за пожарите во Р. Македонија и состојбa до 15:00 ч.

Северен (скопски) плански регион

Пожарот кој бил кај с. Моране се префрли во атар на с. Орешани (опш. Зелениково). Пожарот зафатил нискостеблеста шума, но ако се прошири кон реката и над викенд населбата Орешани може да навлезе во високостеблеста борова шума. На терен се екипи на БППЗ на град Скопје, а се очекува да се придружат и други.

На подрачјето во правец од с. Бојане кон с. Желино моментално гори сува трева и нискостеблести растенија. ПП екипи се на терен. Во моментот нема потреба од воздушна интервенција, но доколку пожарот се прошири до Желино тогаш возможно е пожарот да ги зафати и зимзелените и дабови растенија.

Пожарот кај браната Матка е изгаснат и на терен е оставена eкипа да дежураат. Зафатена била нискостеблеста шума (опш. Сарај). Исто така изгаснат е и пожарот кај с. Барово со навремена интервенција на екипа од ЈП Паркови и Зеленило. Се работи за нискостеблеста шума (опш. Сопиште).

Југозападен плански регион

Пожарот во атарот на с. Требовље и с. Растеш сè уште е активен, и во гасење на истиот ангажирани се следните сили и средства: АРМ (за пожар во с. Требовље и дел од атар на с. Растеш); месно население од с. Растеш, лице од с. Заграда и доброволци од Кичево, Прилеп и Скопје. Вработените на ШС „Сандански“ – Македонски Брод се ангажирани за дејствување на пожарот во с. Растеш и истите превземаат активности за локализирање на пожарот како не би се приближил до куќите и шталите со стока кои се во подножјето на с. Растеш, како и спречување на пожарот во м.в. КОРИТСКИ ДОЛ.

На пожарот во с. Девич ангажирани се лица од ШС „Сандански“ – Македонски Брод кои пожарот го контролираат. Горните куќи од с. Девич не се загрозени. Пожарот е под контрола и со намален интензитет на м.в. ПОПЕЦ.

Во моментов има нов пожар во атарот на с. Могилец, каде дејствува ТППЕ Македонски Брод.

Пожарот во атар на с. Близанско м.в. БРДО и м.в. КРУША повторно се активира и истиот се движи кон м.в. ФОЈНИК и постои опасност доколку истиот не се стави под контрола да префрли на атарот на с. Брест. Пожарот од атарот на с. Растеш се прошири на атарот на с. Волче и постои опасност од опожарување на селото. Гасењето на пожарите го отежнуваат високите температури, присуството на ветар.

Пелагонски плански регион

Пожарот во атарот на селата Дрен – Смолани, кој беше изгаснат на ден 03.08.2017 година, од околу 07:00 часот на ден 04.08.2017 година, повторно е активен и веќе се проширува, на горниот дел на планината. Екипата за гасење е сè уште на местото на настанот. Зафатена е претежно ниско стеблеста дабова шума, чалија, смрека и др. Се работи за непристапен терен.

Пожарот кој започна на ден 02.08.2017 година во атарот на с. Подвис сè уште е активен. Гори нискостеблеста деградирана дабова шума, сува трева и стрништа. Поради високите температури, правецот на ветерот  и непристапноста на теренот отежнато е гасењето. Пожарот се шири од  пределот  по ридот кон с. Алданци. На терен моментално се ангажирани екипи на ТППЕ Крушево и ШС „Липа“ – Крушево.

Тетовско-полошки плански регион

Во реонот на Тетово активни се 2 пожари на отворен простор и тоа: Над с.Копанце каде гори површина обрасната со сува трева по сртот на Планината Жеден и не е зафатена шума. На лице место е екипа од ШС „Лешница“ – Тетово. Во атарот на с. Гургурница активен е пожарот што од страната на Македонски Брод се префрли на територијата на опш. Брвеница. Гори сува трева и пасишта, но постои можност да се зафати и високата шума. Екипа од ШС „Лешница“ – Тетово се наоѓа на лице место.

Пожарот во атарот на с. Корито е активен и интервенира месно население, екипи на ШС Шар и ТППЕ Гостивар.  Исто така екипа на ТППЕ Гостивар, интервенираат и на пожар кај м.в. Тумчевишка Петла Гостивар.

Повардарски плански регион

Пожарот во атарот на с. Дреново, во месноста Дреновска Корија е активен и со истиот зафатена е шума под даб, јасен и бука. На терен е екипа на ШС „Бабуна“ – Велес, но пожарот е интензивен. Се бара поддршка за гасење од воздух.

Пожарот во атарот на с. Богомила во месноста Црвен Дол, е активен. Екипата на ШС „Бабуна“ гаси од страна на с. Мокрени и прави појас. На лице место е и екипа на ДЗС Велес. Поради можноста пожарот да оди кон с. Богомила, испратени се авиони за гасење на истиот.

Пожарот на падините на Горна Јакупица е активен, но теренот е исклучително непристапен за гасење.

 

Одделение за односи со јавноста

Центар за управување со кризи на РМ