Информација за пожарите во Р. Македонија и состојбa до 11:00 ч. (05.08.2017)

Северен (скопски) плански регион

Екипи на БППЗ на Град Скопје утрово дејствуваат во гасење на пожарот кај с. Морани, с. Орешани и тамошната викенд населба. Исто така на местото на пожарот во с. Морани – с. Орешани Караџица дејствува екипа на ШС Караџица. Засега нема потреба од интервенцијата од авионите или хеликоптерите заради намалениот интензитет на пожарот кој може да се смета за делумно локализиран. Од ЈП Паркови и Зеленило известија дека пожарот кај браната Матка е сè уште активен, но дека само чади и тоа на непристапен срт (карпа) блиску до браната, но дека истиот не се шири. На теренот нивна екипа го следи местото на пожарот. Пожарот кај с. Барово, с. Чифлик и с. Св. Петка е локализиран пред да ја зафати боровата шума и на лице место се наоѓаат луѓе кои го набљудуваат местото.


Пелагонски плански регион

Пожарот во атарот на с. Подвис е локализиран. На лице место има екипи на ЈП Македонски шуми Крушево и ТППЕ Крушево. Гореше нискостеблеста деградирана шума. Пожарот во атарот на с. Дрен – Смолани е активен. Утрово на терен има екипи од ЈП Македонски шуми Прилеп, ЈП Македонски шуми - Кавадарци, ТППЕ Прилеп и мештани. Гори нискостеблеста дабова шума, чалија, смрека и др.


Југозападен плански регион

Пожарот во атарот на с. Требовље и с. Растеш сè уште е активен и во гаснење на истиот ангажирани се следните сили и средства: АРМ (за пожар во с. Требовље и дел од атар на с. Растеш), месно население од с. Растеш. Силите на ЈП Македонски Шуми Мак. Брод кои беа ангажирани за дејствување на пожарот во с. Растеш се пренасочени на пожарот кој се ширеше према м.в Фојник. Во текот на ноќта активно работеа на спречување на пожарот кој се ширеше према атарот на с. Брест. Пожарот во атарот на село Девич е локализиран;


Во моментов за пожарот во атарот на с. Могилец присутни се следните сили: ТППЕ – Мак.Брод, ТППЕ Кавадарци; месното население на с. Могилец. Во текот на вчерашниот ден опожарени се 2 руинирани куќи и една плевна додека пак двете други куќи во кои живеаат луѓе и школото се спасени.


Пожарот во атар на с. Близанско м.в БРДО и м.в КРУША повторно е активен и истиот премина кон м.в ФОЈНИК. Пожарот од атарот на с. Растеш каде беа загрозени куќите во подножјето на с. Растеш е ставен под контрола од војската и месното население, но не се исклучува можноста во текот на денот поради високите темпетатури да се прошири на атарот на с. Заград, атарот на с. Битово и повторно да се активира на атарот с. Волче каде моментално е под конрола.


Пожарот во с. Слатина е со намален интензитет и на поедини места горат ниско стеблести дрва.


Тетовско-полошки плански регион

ТППЕ-Гостивар ја следи состојбата со пожарот во с. Корито. Во интервенирањето се вклучени и месното население. На пожарот над с. Сиричино,Туденце Копанце интервенира екипа од ЈП Мак. Шуми. Моментално гори сува трева и огнот се движи кон сртот на Жеден и нема опасност по селата и населението. На пожарот во с. Гургурница интервенираат екипи на ЈП Мак. Шуми и месно население. На лице место излезени се и преставници од ЕЛС Брвеница. И таму гори сува трева.  


Повардарски плански регион

Пожарот во атарот на с. Дреново, во месноста Дреновска Корија сè уште е активен пожарот од вчера. Зафатена е шума под даб, јасен, бука. Од утрово на терен дејствува екипа од ШС Бабуна, но пожарот е интензивен на м.в. Трбова глава над селото. Од ШС „Бабуна“ – Велес известија дека пожарот на падините на Горна Јакупица е активен, а теренот е непристапен за гасење. Кај пожарот над над манастирот Св.Спас, од утрово се излезени луѓе од Богомила да гасат.

 

Одделение за односи со јавноста

Центар за управување со кризи на РМ