Заев: Предлог законот за јазиците е дел од концептот Македонија – земја на сите граѓани, во кој силно веруваме

 

Владата на Република Македонија го усвои Предлог законот за употреба на јазиците.

Со Законот ја унапредуваме употребата на јазиците на сите заедници во Република Македонија.

Сите одредби во законското решение се согласно членот 5 од Уставот на Република Македонија.

Пакетот законски решенија го праќаме на усвојување во Парламентот, а потоа, откако ќе биде усвоен, и на разгледување пред Венецијанската комисија, со приложените отворени прашања кои не се дел од овој закон.

Ги затвораме прашањата во интерес на граѓаните и горди сме поради тоа. Еве не пред медиумите, отворено и транспарентно да информираме за политиките на Владата.

Владата на Република Македонија е определена да им овозможи на сите граѓани полесно да функционираат во секојдневниот живот и во комуникацијата со институциите.

Го ветивме овој Закон како дел од нашиот концепт едно општетство за сите граѓани, којшто ја има поддршката од граѓаните и сметаме декасо неговото усвојување покажуваме дека нема од што да бегаме.

Владата, покажува дека води грижа за сите граѓани.

Македонија – земја на сите граѓани, е концепт во кој силно веруваме.

Новата Влада се определи за политики што ја градат Република Македонија како граѓанска држава на сите кои живеат во неа: Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други заедници. Јазични политики ќе се сообразуваат според потребите на граѓаните од сите етнички заедници.

Особено значајно, овој закон целосно ја гарантира соодветната употреба на македонскиот јазик и на другите јазици кои се во службена употреба во одредени единици на локална самоуправа - турски, ромски, српски, влашки и бошњачки.

Со Законот ќе се прошири употребата на службениот јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, што значи дека Законот, согласно ова, ја проширува употребата на јазиците во институциите и ќе овозможи на граѓаните да комуницираат со државните институции на својот мајчин јазик.
Владата на Република Македонија со ова овозможува сите граѓани полесно и поефикасно да ги остварат своите уставни права.

Досега употребата на јазиците зависеше од тоа дали некоја институција ја води Албанец. Од сега ќе зависи исклучиво од закон.

Ако некој граѓанин има право да зборува на својот мајчин јазик, со тоа не губат другите граѓани, а добива Република Македонија, како граѓанска и демократска држава.

Сакам од овде, од прекрасниот Охрид, во екот на туристичката сезона да испратам порака до сите граѓани на Република Македонија: Еве не овде, после усвојување на законот во владата на прес конференција да им кажеме на граѓаните дека ние не бегаме од проблемите. Ние ги решаваме проблемите. Не ги ставаме под тепих, туку итаме кон нивно решавање.

Тоа се перспективите што можеме, и мораме да им ги понудиме на сите граѓани на нашата земја, и на Република Македонија.