Информација за пожарите во Р. Македонија и состојбa до 16:30 ч. (05.08.2017)

Северен (скопски) плански регион

Попладнето се појавил нов пожар на потегот с. Морани кон с. Студеничани т.е Вртекица. Исто така на потегот Матка – Шишево повторно се разгорува пожар. Пожарот е на сртот и нема опасност за палење на висока шума, заради конфигурацијата на теренот. Инаку теренот е непристапен за сите видови возила и се следи од вработените на ЈП Паркови и зеленило. Пожарот кај Осинчани кон Држилово на место викано Гороглед попладнето се префрлил преку патот и на лице место се ангажирани сили на ШС Караџица. Со оглед на непристапноста на теренот се очекува гаснење на пожарот од воздух. БППЗ е ангажирана на следните локации на пожари: Месност Црн Камен (Рамно) на Скопска Црна Гора, Грачани, Осинчани, Студеничани (Вртекица).

Пелагонски плански регион

Пожарот во атарот на с. Подвис е локализиран. На лице место има екипи на ЈП Македонски шуми Крушево и ТППЕ Крушево. Гореше нискостеблеста деградирана шума. Од страна на екипите се чува пожарот со цел да не се активира истиот. Пожарот во атарот на с. Дрен – Смолани е активен. Од утрово на терен дејствуваат екипи на ЈП Македонски шуми Прилеп, ЈП Македонски шуми - Кавадарци, ТППЕ Прилеп и мештани. Гори нискостеблеста дабова шума, чалија, смрека и др.

Југозападен плански регион

Во овој момент зголемена опасност има кај с. Калуѓерец каде пожарот е во непосредна близина на куќите. Се работи за пожарот што се префрли од с. Могилец. На теренот екипите дејствуваат, но се бара интервенција од воздушни летала.

Во моментов ангажирани се следните сили и средства: АРМ (за пожар во с. Требовље и дел од атар на с. Растеш); 2 хеликоптера (атарот на с. Брест од правецот на м.в. ФОЈНИК). ЈП Македонски Шуми Мак. Брод се ангажирани за дејствување на пожарот во атар на с. Брес и моментално пожарот е ставен под контрола. Пожарот во село Девич е локализиран;

За пожарот во атарот на с. Могилец присутни се следните сили: ТППЕ – Мак. Брод; ТППЕ Кавадарци; месното население на с. Могилец;

Пожарот во атар на с. Близанско м.в. БРДО и м.в. КРУША кој повторно беше активиран и истиот премина м.в. ФОЈНИК, во моментов е ставен под контрола, по дејство на хеликоптерите.

Тетовско-полошки плански регион

Според информациите од ЕЛС Брвеница состојбата е непроменета, а месното население го држи под контрола огнот. Состојбата со пожарот во с. Корито е исто така непроменета, огнот не го загрозува селото, а ако има потреба ТППЕ од Гостивар благовремено ќе интервенира.

Повардарски плански регион

Пожарот во атарот на с. Дреново, во месноста Дреновска Корија сè уште е активен. Зафатена е шума под даб, јасен, бука. На терен се лица од ШС Бабуна, но пожарот е интензивен на м.в. Трбова глава над селото а гори даб, бука, јасен и друга мешана нискостеблеста и високо стеблеста шума.

Од утрово дел месното население од Богомила излегоа да гасат над манастирот Св. Спас, а дел кај манастир Св. Ѓорѓи. Пожарот е под контрола.
Пожарот на падините на Горна Јакупица е активен, а теренот е непристапен за гасење. Пожарот се проширил во правец на Иванов врв, но сега е стишен и ветерот го враќа назад кон Јакупица.

 

Одделение за односи со јавноста
Центар за управување со кризи на РМ