ВОНРЕДНА ИНФОРМАЦИЈА за пожарите во Р. Македонија и состојба до 10:00 часот (07.08.2017)

РЦУК – Охрид, ја пренесува информацијата од РЦУК-Македонски Брод во која се наведува дека во овој моментот активни се следните пожари:

  • атар на с. Брест м.в. ФОЈНИК, гори сува трева, смрека, дабова шума и лисна постилка и пожарот е под контрола, и постои можност во текот на денот поради високите температури да прошири од горната и долната страна на с. Брест.
  • атар на с. Могилец, каде гореше сува трева, смрека, дабова шума и лисна постилка и пожарот е под контрола но може да биде пренесен од пожарот од атар на с. Калуѓерец во текот на денешниот ден поради високите температури.
  • атар на с. Калуѓерец, пожарот е активен а гори сува трева, смрека, дабова шума и лисна постилка и постои опасност од загрозување на селото, пожарот се шири према атар на с. Модриште каде гори сува трева и ниско стеблеста шума но нема опасност од префрлање на пожарот према населеното место Модриште поради природната препрека од реката Треска.
  • атар на с. Локвица м.в. ВИДУШ гори сува трева и на поедини места смрека и истиот е под контрола.
  • атар на с. Волче м.в. ЌАФА по течението на река ВОЛЧИЦА и во подножјето на м.в. ЧЕЛАДАР во правец на с. Волче гори дабова шума, сува трева, лисна постилка и смрека и пожарот постепено се шири кон м.в. СУВА ГОРА и према населеното место Волче и во моментов е со намален интензитет, но поради високите температури и сувата вегетација во текот на денешниот ден истиот може да биде проширен.

Во моментов ангажирани се следните сили и средства:

  • 30 лица од АРМ за пожар за атар на с. Брес кои се лоцирани на атар на с. Требовље;
  • 7 лица од ЈП Македонски Шуми Мак. Брод, 1 ПП возило од ЈП Македонски Шуми од Кавадарци со 3 пожарникари и 1 пожарникар од ТППЕ – Мак. Брод се ангажирани за атар на селата Могилец и Калуѓерец;
  • 10 лица од ЕЛС – Мак. Брод и едно теренско возило.
  • 5 лица од месно население за атар на с. Волче

Во моментов пожарите се под контрола, но поради високите температури во текот на денешниот ден не се исклучува можноста од нивно проширување и активирање на дополнителни сили.

РЦУК – Велес, известува дека пожарот во реонот на Горна Јакупица сè уште е активен. Во текот на вчерашниот ден не е интервенирано на овој пожар.

Пожарот северозпадно од Горно Јаболчиште во месноста Диков Гроб е активен и гори со висок интензитет. Заради големата оддалеченост и ангажираност на субјектите на другите пожари во текот на денешниот ден не се превземаа активности за негово гасење. Заради отвореноста на просторот овој пожар може лесно да се елиминира од воздух.

Пожар на отворен простор на подрачјето на с. Галиште опш. Кавадарци, на  06.08.2017 год. префрлен од опш. Прилеп од 3 локации (од с. Радобил, с. Ѓудаково и м.в. Србиново). Од опш. Кавадарци на 06.08.2017 интервенирале до 00:30 часот екипа  од ЈП Македонски шуми „БОР“ со 8 луѓе и едно теренско возило. Од страна на концесионерот на ловиштето на тоа подрачје интервенирале и 7 ловочувари. На ден 07.08.2017 екипа на ЈП Македонски шуми „БОР“ е упатена на местото на пожарот со 7 луѓе и едно теренско возило. Гори сува трева, и пожарот е сè уште активен.

За пожарот известени се: опш. Кавадарци, ДЗС Кавадарци, ПС од ОН Кавадарци.

РЦУК – Скопје, известува дека во врска со актуелната состојба со пожарите на територијата на Град Скопје добиени следните податоци:

  • Од страна на ШС Караџица известија дека моментално имаат сознание само за еден пожар на мешана шума кај село Грачани (близу граница со Косово) на тешко пристапен терен. Во моментот на истиот не се интервенира. (Општина Ѓорче Петров)
  • Од ЈП Паркови и зеленило известија дека пожарот кај Браната Матка кон планината Водно е изгаснат. (Општина Сарај)
  • БППЗ на Град Скопје моментално со 1 возило и 3 пожарникари дежура на местото од пожарот кај с. Градовци и Страхојадица. Пожарот е намален и моментално догорува средината т.е. Чадат опожарени стебла и корења. (Општина Зелениково)

РЦУК – Битола, ја пренесува информацијата од ТППЕ Крушево во која се наведува дека во пожарот кој започна вчера на ден 06.08.2017  во 20:20 часот на м.в. Зајчев рид, гореа сува трева, смреки и борови зафати површина од 1.5 ха. Истиот е локализиран во 22.30 часот. Во текот на денесниот ден во раните утрински часови повторно е интервенирано од страна на двајца пожарникари и пожарот е ставен под контрола и целосно е изгаснат. Во интервенцијата учествувале 5 пожарникари од ТППЕ Крушево со две возила, 8 работници од ПШС Липа Крушево со 2 возила и 4 учесници од месно население.

Од  ЈП МШ ПШС „Црн Бор" -Прилеп, известија дека пожарот во атарот на селата: Дрен - Смолани е активен и истиот е проширен на горниот дел на планината каде предходно имало извршено сеча. Гори нискостеблеста дабова шума. Утрово била спремна екипа од 7 - 8  работници која до овој момент не е пристигната на местото на настанот.

Во врска со дојавата за пожар во атарот на с. Никодин во овој момент од страна на ЈП МШ ПШС „Црн Бор“ -Прилеп тргнала екипа со 1 комбе и 8 работници.

ТППЕ – Прилеп,  известува  дека утрово во 04:30 часот од страна на ТППЕ-Прилеп на пожарот во атарот на селата Царевиќ – Дрен испратена е екипа од 3 пп работници со 1 возило Лада Нива.

РЦУК – Тетово, ја пренесува информацијата од ЕЛС Брвеница, во која се наведува дека  пожарот е активен во делот над село Туденце и истиот се шири во правец на село Сириќино. Со пожарот е зафатена ниска шума и сува трева. Се очекува во денот да интервенираат од ЈП Македонски шуми Лешница - Тетово како и од месното население од каде во вчерашниот ден гаснеле десетина помлади лица од селото Туденце, а во неколку наврати интервенирале и хеликоптерите на АРМ.

Од општина Брвеница и жители на село Гургурница известија дека пожарот кој беше во близина на селото е локализиран но дека е се уште активен на другата страна кон село Здуње од општина Македонски Брод и дека постои опасност истиот да се прошири и кон село Гургурница. Од општина Брвеница очекуваат во текот на денот да интервенираат и авионите на ДЗС.

РЦУК – Штип, известува дека пожарот што започна од 05.08.2017 година во атарот на с. Владимирово на м.в. Кочански пат е делумно под контрола. Гори дел од дабова шума, нискостеблести растенија и мал дел букова шума. Во моментот на терен се излезени 2 екипи на ШС „Малешево“ - Берово со 2 моторни возила и 9 работници и 5 луѓе од месното население. Досега е опожарено околу 40 ха шумски појас.

Поради активен шумски пожар на подрачјето на општина Радовиш на планина Плачковица во близина на подрачјето на општина Карбинци, превентивно на терен се отидени 5 пожарникари со 1 ПП возило од ТППЕ Штип. ШС Серта-Штип има свои луѓе кои живет на тој терен кои ја следат состојбата.

РЦУК – Струмица, известува дека на планината Плачковица во близина на село Шипковица-Полска болница сè уште е активен пожарот во кој има зафатено високостеблеста мешана шума од бор, даб и бука. На терен има 2 ПП возило со 10 пожарникари и 1 возило и 25 вработени од ПШС Плачковица-Радовиш. Екипите активно работат во санирање на состојбата.

 

Дежурен оперативен центар на Центарот за управување со кризи на Р.Македонија,
Телефон 02/3249-211, 02/3249-212; факс: 02/3249-213, 02/3136-226;
e-mail: situacionen.centar@cuk.gov.mk