Средба на премиерот Заев со амбасадорот Бјорнстад: Македонија напредува кон НАТО и кон ЕУ, Кралството Норвешка најави поддршка на земјава во областите значајни за евро-атлантските интеграции

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со амбасадорот на Кралството Норвешка, Арни Бјорнстад.

На средбата e констатиран напредок на Македонија кон НАТО и кон европските перспективи. Исто така договорена е поддршка од Кралството Норвешка  на Република Македонија во текот на оваа 2017 година, во повеќе области значајни за евро-атлантските интеграции на земјава.

Станува збор за помош од Норвешка во подобрување на административните и законски капацитети на Република Македонија, во судството, за исполнување на условите од поглавјето 24 од Извештајот на ЕК за Македонија, важно за преговарачкиот процес и со приоритет на обвинителската дејност, во областа на животната средина, за исполнување на условите од поглавјето 27, за чиста вода и превенција на храна, во унапредувањето на контролните механизми за заштита од корупција и од злоупотреби на јавните фондови.

Во периодот што престои ќе следува поврзување на институциите во Република Македонија со амбасадата на Кралството Норвешка со цел утврдување на начините за аплицирање за фондовите преку коишто треба да се реализира поддршката.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, се заблагодари на амбасадорот Бјорнстад за целокупната принципиелна помош и поддршка од Кралството Норвешка на демократските процеси во Македонија.

„Стратешки цели на Република Македонија се членството во Европската унија и во НАТО. Новата Влада ја постави државата на евро-атлантскиот пат и презема одгооворност за реализација на потребните реформи преку Планот 3-6-9. Владата е силно посветена да го подигне животниот стандард и да обезбеди квалитетен живот за граѓаните. Граѓаните на Македонија заслужуваат да живеат спокојно, а Република  Македонија заслужува да биде дел од демократскиот свет“ рече претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, на средбата со амбасадорот на Кралството Норвешка, Арни Бјорнстад.