Средба на премиерот Заев со претседателот на бугарскиот Парламент Главчев: Местото на Македонија е во ЕУ и во НАТО, Република Бугарија ја поддржува Македонија

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со претседателот на Народното собрание на Република Бугарија, Димитар Главчев.

На средбата е констатирано дека продолжува да се развива во позитивна насока соработката помеѓу двете држави откако премиерите на Република Македонија, Зоран Заев и на Република Бугарија, Бојко Борисов го потпишаа Договорот за добрососедство, пријателство и соработка. Во очекување на ратификацијата на Договорот во парламентите на двете држави, веќе се воспоставени контакти помеѓу бизнисмени од двете земји, што ќе придонесе за економски развој во државите и отворени се можности за соработка во повеќе области, како што се земјоделието и културата.

„Договорот отвора перспективи и за Република Македонија и за Република Бугарија и бенефит ќе имаат граѓаните на двете држави. Унапредувањето на двете соседски држави, Македонија и Бугарија испраќа силна порака во регионот и пошироко, дека земјите сами можат да ги надминат сите отворени прашања, ако за тоа постои искрена политичка волја “ рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Заев, изрази благодарност за поддршката од Бугарија на евро-атлантските перспективи на Македонија.

„Местото на Република Македонија е во НАТО и во ЕУ и Република Бугарија ја поддржува Република Македонија на тој пат “ рече претседателот на бугарскиот Парламент, Главчев.

Претседателот на Народното собрание на Република Бугарија, Главчев, додаде дека премиерите на Македонија и Бугарија со Договорот отворија нова страница во односите помеѓу двете земји и дека е сега ред и на парламентите да придонесат кон продлабочување на таа соработка, поради што е и неговото присуство во Македонија.

На средбата заеднички е заклучено дека регионалната соработка е значајна за евро-атлантската иднина којашто му е потребна на целиот Балкан и дека односите помеѓу Македонија и Бугарија се добар пример за тоа.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Заев, се заблагодари на претседателот на Народното собрание на Република Бугарија, Главчев за хеликоптерите што ги испрати Бугарија во Македонија, како значајна помош во справувањето со проблемот со пожарите во нашата држава.