На дневен ред на 24-тата седница на владата: Акциски план за проектот Контрола на здравствените установи, воведување на програма за лична асистенција на лица со телесна попреченост, измени и дополнувања на Законот за внатрешни работи

Владата на Република Македонија денеска (вторник, 22 август, 2017 година) во 12:00 часот, ќе ја одржи својата 24 седница.

 

Согласно предложениот дневен ред, Владата на денешната седница ќе ја разгледа информацијата со акциски план за проектот Контрола на здравствените установи од страна на Фондот за здравствено осигурување на Република Македонија, со цел еднаков квалитет на здравствена услуга за секој граѓанин секаде во Македонија.

Од прашањата од политичкиот систем на дневен ред на денешната сендица ќе се најде Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за внатрешни работи.

Владата денеска ќе ја разгледа Информацијата за воведување на програма за лична асистенција на лица со телесна попреченост. Уредувањето на оваа услуга за лична асистенција промовира слобода за лицата со физичка попреченост во спроведување на независен начин на живот. Личните асистенти треба да помогнат да се унапреди квалитетот на живот на лицата кои ја користат услугата.

Министрите во Владата на РМ ќе извршат увид во Информација за реализација на проектот формирање и поддршка на земјоделски задруги, на предлог на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Пред членовите на владата на денешната седница ќе се најде и Информацијата за потребата од изготвување Национална стратегија за соработка со дијаспората за периодот од 2018 до 2023 година, како и Информацијата за потребата од Ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство од 2011 година (Истанбулска конвенција).

На дневниот ред на седницата ќе се најдат и други точки од интерес за граѓаните на Република Македонија.

На почетокот на седницата медиумите ќе имаат можност со видео и фото за да го регистрираат стартот на оваа владина сесија, а по завршувањето на седницата ќе следува соопштение за јавноста за донесените заклучоци.

Категорија: