Царовска: Ќе продолжам да работам на тоа Македонија да стане социјална држава, а министерството вистински граѓански сервис

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска по повод 100 Влада ја информираше јавноста за законите, мерките и решенија на коишто се посвети во изминатиот период, а кои беа со цел да донесат реален бенефит и финансиска поддршка за повеќе категории граѓани.

 

Таа рече дека како што беше ветено во владината програма, се посветиле на враќањето на парите кон граѓаните, извлекување на граѓаните од сиромаштија и градење на хуман, праведен и ефикасен систем за социјална заштита.

 

Според Царовска ова е единствено вистинската насока во која таа ќе продолжиме да работи и во иднина набројувајќи притоа неколку поважни измени донесени во првите сто дена.

 

“Изготвивме три многу важни предлог закони: Законот за минималната плата, таканаречениот закон за стечјаци, како и измените во Законот за социјална заштита кои се веќе во собраниска процедура.

 

Имено, заедно со другите ресори од Владата и во дијалог со сите засегнати страни, ги подготвивме измените на Законот за минималната плата од 12.000 денари. Со носењето на овој закон, од октомври, 130 илјади работници ќе добијат повисока плата, а за 76.000 работници, Владата ќе обезбеди поддршка од 547.200.000 денари. Овие дополнителни приходи ќе бидат од огромно значење за работниците и дирекна финансиска поддршка за нив и нивните семејства. Со ова обезбедуваме подостоинствен приход за граѓаните и ја намалуваме сиромаштијата.

 

Го подготвивме и таканаречениот закон за стечјаците со што го решавме деценискиот проблем на стечајните работници. Со ова законско решение се опфатени околу 3.000 лица, и за таа намена се издвојуваат 300 милиони денари годишно. Луѓето кои со години излегуваа на улиците да ги бараат своите права најдоа партнер во оваа Влада. 

 

 

Со измените во Законот за социјална заштита се овозможува правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице, додатокот за слепило и мобилност, како и додатокот за глувост, да се остварат без оглед на приходите на лицето кое има потреба од помош. Со ова сите граѓани од овие категории добиваат еднаква и фер поддршка од државата. Дополнително се намалуваат трошоците од вкупно 1700 денари за конзилијарно мислење и упат кои досега ги плаќаа овие граѓани. Со измените, првостепената комисија ќе ги посетува граѓаните во домашни услови и по претходна дијагноза тие ќе си го остварат правото на помош и нега од друго лице”, потенцираше министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

 

Додаде дека Министерството во овие сто дена подготвува темелна реформа на системот на социјална заштита бидејќи сегашниот систем е неефикасен и неправеден, оптоварен со комплицирани административни процедури. Новиот систем ќе го смени суштински начин и пристап кон социјалната заштита. Toa значи дека ќе се даде основ за програма за минимален адекватен приход како и целосна реформа на системот преку издвојување на материјалните (паричните) права од стручната социјална работа (услугите). Ова ќе  придонесе до зголемување на опфатот и унапредување на адекватноста на паричните надоместоци за материјално загрозените семејства (преку семејни пакети и групирање на правата), како и систематизирање и редифинирање на социјалните услуги во насока на индивидуализирање на истите, обезбедување на услуги во заедницата и од заедницата и воведување на социјални договори за испорака на истите од страна на граѓанските организации. За таа цел веќе е формирана работна група составена од претставници на МТСП, граѓански организации и професори од областа кои ќе работат на подготвка на нов предлог Закон за социјална заштита. Обезбедена е поддршка од Меѓународните организации, пред се од Светска Банка, но и Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје.

 

Понатаму, министерството ја менува праксата во однос на исплатите на средствата за социјална и детска заштита кои ќе се исплаќаат редовно Па така, во првите 100 дена сите средства навремено се исплатени за сите корисници и оваа пракса ќе продолжи и во иднина, а со исплатите нема политички да се калкулира.

 

Царовска акцент стави и на инспекциските контроли, но и на измените во делот на Оперативниот план за програми и мерки за вработување.

 

“Во изминатите 100 дена инспекциите работеа на терен, особено во периодот на топлотниот бран и извршија повеќе од 300 инспекциски контроли и изрекоа над стотина мерки. Безбедноста и здравјето при работа се приоритет на Владата на Република Македонија затоа владата ја усвои и Националната стратегија со која се предвидени конкретни мерки за подобрување на состојбите во оваа област.

 

Направивме важна измена и во оперативниот план за вработување. Обезбедивме дополнителни 2 милиони евра за активни мерки за вработување, а фокусот е на млади лица до 29 години. Покрај активните баратели на работа, пристап до активните мерки ќе имаат и пасивните баратели на работа. Со ова се изедначуваат можностите за наоѓање на работа на сите баратели на работа. Со овој план за прв пат се овозможува граѓанските организации да имаат пристап до мерките за вработување и за прв пат се предвидени мерки за поддршка на социјалното претприемништво”, информираше министерката Царовска.

 

Во делот на детската заштита информираше дека се  преземени конкретни чекори во насока на зголемување на опфатот на деца во градинките. Во моментов се реконструира и опожарената градинка во Шуто Оризари, со што ќе се помогне на над 200 семејства во општината. Во тек е изградба и опремување на тринаесет детски градинки со што ќе се зголеми опфатот за 682 деца до крајот на годината. Оваа тенденција ќе продолжи и во наредната година, секако во соработка со локалните власти. Покрај ова, се воведе и двосменско работење во градинките, со што се излезе во пресрет на барањата на родителите.

 

 

Во врска со големиот недостиг на стручни кадри во Центрите за социјална работа низ државава што е и еден од најголемите проблеми и пречка за нивно ефикасно работење и поддршка за граѓаните беа објавени огласи за вработување на 29 стручни социјални работници во прва фаза, од планираните 60 вработувања. Исто така, завршена е реконструкцијата и опремувањето на 30 центри за социјална работа.

 

Понатаму, значајно е да се напомене дека е овозможено повторно враќање на 910 лица во системот на социјална заштита, кои претходно го изгубиле правото поради добивање пари преку брз трансфер.

 

Ранливите категории на граѓани веќе нема да чекаат за итните случаеви бидејќи се формира специјализиран тим кој е во функција 24/7, за постапување по итни предмети од ранливи категории на корисници на права и услуги од надлежност на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа на Град Скопје.

 

“Граѓанските организации се од огромна важност и поддршка на Владата во подготовка на закони и реализација на проекти. Токму затоа, оваа Влада и јас како министер работиме на што поголема нивна вклученост во процесите и соработка со сите сектори на минстерството. Веќе се потпишани првите договори за поддршка на граѓански здруженија од областа на социјална заштита, кои беа избрани на јавни конкурси. Вкупниот фонд за поддршка на проекти изнесува 2.400.000,00 денари. Соработката со граѓанскиот сектор во иднина ќе се интензивира, согласно нашата цел за градење партнерство при обезбедување сервиси за граѓаните”, рече министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

 

Според неа, од голема важност е и тоа што се реафирмираше процесот на деинституционализација на институциите од социјалната заштита и се започна постапка за ревидирање на сооодветната национална стратегија, партнерство со сите меѓународни и домашни организации и со поддршка на ЕУ.

 

Се отпочна и процес на подготовка на Институциите за ратификација на Истанбулската конвенција. За таа цел, обезбедени се 300 илјади евра за три центри за упатување на жртви на сексуално насилство и еден шелтер центар за заштита на жртви на сексуално насилство.

 

Од другите позначајни мерки и активности министерката за труд и социјална политика Мила Царовска го истакна формирањето на Советот за следење на состојбите во пензискиот систем во кој членуваат сите релевантни институции и компании, а по двегодишна пауза повторно беше ставен во функција и Советот за социјална сигурност, кој веќе предложи мерки за подобрување на стандардот на нашите повозрасни граѓани. Обезбедени се и средства во Буџетот за усогласување на  пензиите во 2017 година.
“Ова се дел од најважните активности на министерството во првите 100 дена од работењето. Покрај споменатите закони, мерки и политики, реализиравме 50 средби со различни домашни и меѓународни институции и организиравме 19 настани. На отворениот ден јас и мојот кабинет досега се сретнавме со повеќе од 500 граѓани.

 

Би сакала да истакнам дека во МТСП сега се троши одговорно и домаќински. Во ова министерство не смее да има никакво луксузирање. Ниту исплата на нереално високи хонорари. Нашата најголема привилегија е што успеавме да ја вратиме насмевката и доверба во системот кај Ристе и Владо од Велес и малата Мерсида, која растеше под еден скопски мост. И уште бројни вакви приказни, за кои што плачеме кога слушаме на вести, но сега имаме можност да искреираме систем кој ќе им помага на овие семејства, без да треба да се изложуваат на медиумите за да го решат својот проблем. Во таа насока ќе продолжам и во иднина, односно сѐ додека ја имам довербата на граѓаните за извршување на мојата функција.  

 

Во првите 100 дена мојата цел беше да се види суштинската разлика во работењето и пристапот кон социјалната политика меѓу претходната и оваа власт. Верувам дека тоа го постигнавме. Исто така, верувам дека успешно ги поставуваме темелите на реформите кои на долг рок ќе ја намалат сиромаштијата, ќе ја зголемат еднаквоста и ќе обезбедат подобар и поквалитетен живот за граѓаните. И конечно, посветено ќе продолжам да работам на тоа Македонија да стане социјална држава, а министерството вистински граѓански сервис”, заврши Царовска во својот отчет за првите 100 дена Влада.