Сугарески: Министерство за транспорт и врски за 100 дена Влада

Поминаа 100 дена и зборот си е збор. Ветивме транпарентност, отчетност, достапност и служба за граѓаните.

 

Така како што е редот, почитувајќи го воспоставениот демократски принцип и обичај, денес во име на Министерството за транспорт и врски сакам да споделам со јавноста што сработивме во изминатите 100 дена.

 

Можам со часови да зборувам со што се соочивме, што добивме во наследство и какви се’ не проблеми ни оставија во наследство. Но, денес нема да зборувам за лажните ветувања на претходната Влада, ниту пак ќе се жалам. Едноставно, тоа не сум јас и тоа не е мојот стил на работа.

 

Кога прифатив да раководам со еден од најчувствителните ресори во Владата, бев и се уште сум свесен каква одговорноста преземам, знам колкави се очекувањата на јавноста и колку се сериозни предизвиците со кои секојдневно се справувам.

 

Заедно со мојот тим ги детектиравме аномалиите и се фативме во костец со проблемите. Се посветивме на изнаоѓање решенија, притоа не обрнувајќи внимание на критиките на оние кои имаа 10 години на располагање да покажат што знаат и умеат. Не е наше да се занимаваме со оние кои ја изгубија довербата на граѓаните и ги изневерија очекувањата, наше е да сработиме и да исполниме она што сме го ветиле.

 

Додека сум овде ќе продолжам да го вложувам своето искуство и знаење да завршам и да спроведам нови проекти кои се исклучиво во интерес на граѓаните.

 

Моето лично мото е равој, развој и само развој!

 

Нашата примарна цел е Министерството за транспорт и врски во мандатот на оваа Влада да стане, сервис на граѓаните, партнер на општините и мотор на економскиот развој.

 

На тоа и работевме изминатите 100 дена.

 

Помина еден исклучително тежок процес исполнет со решителни и цврсти одлуки за да ја поставиме Република Македонија на патот на просперитетот, каде благодетот ќе го уживаат подеднакво сите граѓани на оваа земја.

 

За само 100 дена успеавме да обезбедиме 188,4 милиони евра грантови - неповратни средства за подобрување на патната, железничката и комуналната инфраструктура.

 

Република Македонија стана дел од Транспортната заедница, составена од земјите од Западен Балкан и ЕУ која ќе придонесе за подобрување на квалитет на транспортните услуги и полесна интеграција на транспортниот сектор со тој на Унијата.

 

Успеавме да го зголемиме обемот на воздушниот сообраќај преку воведување на нови линии.

 

Се посветивме на успешно и ефикасно заокружување на проектот за легализација на дивоградби преку воведување на принципот на праведност и достапност до сите граѓани подеднакво.

 

Сработивме и предложивме серија нови законски решенија со кои ја олеснивме работата на бизнис секторот.

 

Водејќи се од потребите на граѓаните, вложивме огромен труд за исполнување на обврските што сме ги ветиле, но најважно од се е тоа што создаваме еден нов процес на ТРАНСПАРЕНТНОСТ И ОТЧЕНОСТ каде нема повеќе тајни за тоа каде се трошат народните пари.

 

Почитувани,

Ветивме дека сите наши одлуки, проекти и закони ќе бидат во согласност со нашите меѓународни партнери и во рамки на исполнување на нашата стратегија за усогласување на македонското со законодавството на Европската Унија. Македонија со наше водство се враќа на стратешкиот национален колосек на Евроатлански интеграции.

 

За само краток период успеавме да обезбедиме вкупно 131 милиони евра неповратни средства од Европската Унија за доизградба на пругата кон Бугарија на Коридор 8.

 

Обезбеденитe средства се однесуваат на следното:

На Самитот во Трст успеавме да обезбедиме грант од 70 милиони евра за изградба на пругата конкретно за делницата од Бељаковце до Крива Паланка. Со ова ја заокруживме финансиската  конструкција на изградба на оваа делница. 

 

Преку Оперативната програма за транспорт 2014-2020 од Европската Унија, успеавме да обезбедиме речиси 61 милион евра за изградба на последниот дел од железничкото поврзување кон Бугарија и тоа делницата од Крива Паланка до Деве Баир. Со меморандумот што го потпишавме со Министерството за транспорт и комуникации на Бугарија се обврзавме и двете земји најдоцна до 2027 година да имаме изградено комплетно нова пруга со што ќе го засилиме економскиот развој на регионот.

 

Исто така, посветено работевме на обезбедување на нови средства за изградба на пругата од Битола до Кременица. Сакам да Ве известам дека договорот со новиот изведувач очекуваме да биде потпишан овој месец и конечно да продолжиме со реализација на овој проект, кој знаете претходно се соочуваше со многу проблеми и на крај со прекин во изградбата.

 

Морам да спомнам дека во самиот почеток со работа на оваа Влада, веднаш се реши проблемот со намалените плати на вработените во Железница и со тоа обезбедивме непречен железнички сообраќај.

 

Во делот на патната инфраструктура, исто така преку Оперативната програма за транспорт 2014-2020, обезбедивме вкупно 41 милиони евра неповратни средства за изградба на нови патишта. Сакам да потенцирам дека патната инфраструктура е врвен приоритет на оваа Влада на кој дополнително ќе дадеме фокус.

 

Од обезбедените средства, потпишавме Билатерален договор со ЕУ за финансирање на израдбата на експресниот пат делница Градско Дреново во висина од 35,4 милиони евра. Договорот со изведувачот очекуваме да биде потпишан до крај на овој месец и потоа веднаш да се почне со изградба и на оваа делница.

 

Исто така обезбедени се и средства и за третата фаза од експресниот пат и тоа од Прилеп до Раец со што слободно можам да кажам дека го заокруживме финансирањето на овој многу значаен пат во Пелагонискиот регион и со тоа исполнивме уште едно наше ветување пред граѓаните. 

 

Во изминатиот период од 100 дена, вложивме огромен напор да ги детектираме сите недостатоци на веќе започнатите со изградба автопати. Формиравме работни групи од експерти, градежни компании, надзорни органи и други релевантни институции со кои континуирано работиме на изнаоѓање на најсоодветни решенија.

 

Ве уверувам дека изградбата на автопатите ќе продолжи со посакуваната динамика и на начин со кој ќе ги заштитиме државните интереси преку контролирано трошење на државните пари и тоа се во интерес на граѓаните.    

 

Континуирано работевме и на изнаоѓање на дополнителни средства преку меѓународни финансиски институции за изградба и реконструција на регионални и магистрални патишта низ државата, исто така ветување што го дадовме пред граѓаните.

 

Една од најзначајните реформи што ги направивме е продолжување на рокот на легализација на дивоизградените објекти. Овозможивме два нови рокови со кои еден од 1 јануари до 31 декември 2018 година и вториот рок од 1 јануари до 30 јуни 2018 година, сите заинтересирани граѓани да можат да си понесат нови барања за легализација. Со ова конечно ќе го завршиме процесот на легализирање на дивите објекти а на граѓаните ќе им овозможиме да си го остварат своето право на сопственост.

 

Во соработка со Агенцијата за катастар на недвижности до 50 проценти ги намаливме сите цени на услугите што ги нуди Катастарот, уште една мерка што ја ветивме пред граѓаните.

 

Во соработка со Комората на приватни геодети изнајдовме законско решение да ги вратиме одземените овластувања на приватните геодети и со тоа да ја подигнеме геодетската дејност на едно повисоко ниво.  

 

Развојот на авиосообраќајот исто така е примарна цел на Владата и Министерството за транспорт и врски. Во таа насока успеавме да овоможиме нови линии за македонските граѓани и тоа, три нови дестинации кон Рим, Малта и Вакше –Шведска и една директна линија од Скопје до Доха. Остваривме и средби со потенцијални инвеститори за кои верувам дека се силно заинтересирани да инвестираат во отворање на нови линии од двата аеродроми. Сакам да потенцирам дека и во овие 100 дена бројот на патници во авиосообраќајот континуирано е во пораст.

 

Граѓаните имаат право и заслужуваат да имаат квалитетна водоснабдителна и канализациона мрежа. Во рамките на нашите надлежности, изнајдовме средства во висина од 12,5 милиони евра за подбрување на водонабдувањето во општините. Од  нив 9,5 милиони евра се неповратни средства и тоа 5 милиони евра грант преку КФВ банката и 4,5 милиони евра грант преку Секретаријатот за економски прашања на Швајцарија. 

 

Во рамките на 100 дена Влада, остваривме преку двесте средби со потенцијални инвеститори, интернационални и домашни компании, меѓународи финансиски инстиуции, преставници од дипломатскиот кор во земјата, комори, здруженија и други. Меѓу другото, континуирано остваруваме средби и со граѓани на кои се обидуваме во набрз можен рок да ги решаваме проблемите во делот на земјишната политика.  

 

Почитувани, Зборот си е збор.

 

Она што го ветивме пред граѓаните го исполнуваме, тие имаат право да знаат. Транспарентноста е лицето на оваа Влада која работи исклучиво во интерес на граѓаните.

 

Ние можеме да ветиме дека продолжуваме со уште позасилено темпо во реализација на крупните капитални проекти кои ќе го вратат животот во Македонија.  

 

Ова е само почеток на големиот инвестициски циклус во инфрастуктурата во Република Македонија.

Категорија: