Поранешната Влада дала 12.5 милиони евра за македонски медиуми за “привлекување странски инвестиции“

 

Портпаролот на Владата на Република Македонија, Миле Бошњаковски на денешната прес конференција го претстави вториот дел од анализата за тоа колку поранешната Влада потрошила во периодот од 10 години на привлекување на странски директни инвестиции, наспроти конкретните резултати добиени од истите.


Пред два дена, на прес конференција Владата објави дека биле потрошени 225 милиони евра, за влез на 25 странски компании, кои оствариле 20.000 вработувања.


На денешната прес конференција беа објавени податоци под ставката трошоци за привлекување на странски инвестиции. Анализата покажува дека овој столб од трошоците, направени во изминативе 10 години е исклучително висок, нерационален, и остава простор за многу идни анализи, под-анализи па дури и истраги.


Станува збор за потрошени над 130 милиони евра пари на граѓаните на Република Македонија. Сумираните бројки покажуваат дека поранешната Влада потрошила над 31 милиони евра за реклами во странски медиуми, пари на граѓаните на Република Македонија.


Дополнително на ова, Владата на Никола Груевски во домашните медиуми платила 12,5 милиони евра „За привлекување на странски инвестиции“.


За таканаречените роад шоуа, министрите без ресор заедно со Никола Груевски, потрошиле точно 5,6 милиони евра пари на граѓаните на Република Македонија.


Економските промотори чија улога, како што рече Бошњаковски, никогаш не беше јавно и транспарентно објаснета и беше во конфликт со македонската дипломатија, ги чинеле граѓаните на Република Македонија цели 12,5 милиони евра.


Во овој дел од анализата особено се истакнува една дополнителна бројка, а тоа се дополнителни приходи, станарини, закуп и друго – на министрите без ресор кои биле задолжени за странски инвестиции 2,8 милиони евра им биле исплатени како дополнителни бенефиции надвор од месечната бруто плата.