Владата на Република Македонија денеска ќе ја одржи својата редовна, 28 седница

Владата на Република Македонија денеска ќе ја одржи својата редовна, 28 седница со повеќе точки на дневен ред од посебен интерес за граѓаните.


На дневен ред на седницата на владата ќе се најде информацијата за прогресот на активностите од проектот „Посета на компании“ кои имаат проблем во постапката за приватизација на градежно земјиште во државна сопственост и за остварените средби со физички и правни лица за проблеми од имотно-правен карактер.


Владата ќе ја разгледа и информацијата за одобрување на работењето и водењето на Акционерското друштво за стопанисување со деловен простор во државна сопственост, како и информацијата по барањето на координативното тело на оштететени правни субјекти за остварување на право на надомест на штета од катастрофалните поплави во 2016 година во скопскиот и тетовскиот регион.


На денешната седница на владата, на министрите на увид ќе им биде ставена информација за иницијативата во врска со работната програма на Светската трговска организација за електронска трговија, и информацијата за статусот на реализација на договорите за концесија за вода за изградба на мали хидроелектрични централи склучени со Министерството за економија.


На владината седница денеска ќе биде разгледана и информација во врска со барањето на ФЕНИ Индустри а.д. Кавадарци, за едностран раскин на договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина – железно никлоносна руда на локалитетот “Ржаново“, и информација за поднесената иницијатива за започнување на постапка за доделување на концесија за детални геолошки истражувања на минерална суровина - песок и чакал, на локалитетот “Дрвен Мост“ с.Шупли Камен, општина Куманово.


Владата денеска треба да се произнесе и во врска со информацијата за потпишување на меморандум за разбирање со акциски план, со кој се врши дополнување на Иницијативата за централно и југоисточно европско поврзување (CESEC) со заеднички пристап кон пазарот на електрична енергија, енергетската ефикасност и обновливиот развој, како и за информацијата за справување со високото ниво на загадување на воздухот во Република Македонија, во текот на летниот период и во текот на целата година.


На денешната седница, владата ќе разгледа и неколку предлог-уредби од областа на образованието и здравственото осигурување.


Седницата ќе се одржи денеска (вторник), со почеток во 13:00 часот, во новата сала за состаноци на Влада на РМ.