Владата денеска ќе ја одржи својата 29 редовна седница

Владата на Република Македонија денеска ќе ја одржи својата редовна, 29 седница, со повеќе точки на дневниот ред од посебен интерес за граѓаните. 

 


На предлог на Министерството за финансии, владата на денешната седница ќе го разгледа извештајот за активностите на Бирото за јавни набавки од аспект на функционирањето на системот на јавните набавки во 2016 година.

 


На дневен ред на денешната седница е и годишниот извештај за работата на Акционерското друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање на услуги во воздухопловната навигација М-НАВ за 2016 година, со извештај од независниот ревизор, како и тримесечниот извештај за работењето на Акционерското друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање на услуги во воздухопловната навигација М-НАВ А.Д. СКОПЈЕ за период јануари - март 2017 година.

 


Агенцијата за храна и ветеринарство пред владините министри денеска ќе ја презентира информацијата во однос на контролата на додатоците во исхраната и здравствените тврдења кои се користат во комерцијални цели при означувањето, презентирањето и рекламирањето на храната.

 


Владата денеска ќе ја разгледа и информацијата за финансирање на проектот за изградба на Пречистителна станица за отпадни води за Градот Скопје.

 


На дневниот ред на денешната седница е и информација во врска со потпишување на Меморандум за разбирање со Акциски план со кој се врши дополнување на Иницијативата за централно и југоисточно европско поврзување (CESEC) со заеднички пристап кон пазарот на електрична енергија, енергетската ефикасност и обновливиот развој.

 

 

На денешната редовна, 29 седница на Владата на РМ, ќе бидат разгледани и информации и извештаи од работењето на други владини органи и институции.