Потпишана Изјава за согласност помеѓу Владата на Република Македонија и Амбасадата на Швајцарија: Петмина швајцарски експерти ќе помогнат на македонските фирми

  

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев и амбасадорката на Швајцарија Н.Е. г-ѓа Сибил Сутер Техада, денес во Владата потпишаа изјава за согласност во врска со соработка на проектот „Ангажман на сениор екперти за развој на мали и средни претпријатија во Македонија“.


Проектот се покажа како успешен и корисен за македонските компании, и според вицепремиерот Анѓушев ќе се продолжи со реализација на овој проект со кој се помага на домашните компании да се развиваат и да ги унапредуваат своите процеси.


„Досега 96 компании учествуваа во проектот, преку 90% искажаа подготвеност повторно да учествуваат во проектот, а 78% од компаните велат дека странските експерти ги задоволиле нивните очекувања. Самиот проект доби просечна оценка 4,55 од максимални 5, што покажува дека компаниите се задоволни од странските експерти“, потенцираше вицепремиерот Анѓушев.


Тој истакна дека со ангажман на странските експерти, на македонските компании им се нудат повеќе можности и ги издвои најважните.


„Компаниите, кои се од различни гранки, најголеми придобивки имаат во подобрувањето на квалитетот на нивните производи, креирање нови производи и можност за подобрување на извозот. Присуството на странските експерти им дава прилика да воспостават деловна соработка со фирми од нивните земји и на тој начин да ги извезуваат производите или услугите“, појасни вицепремиерот.

 

Амбасадорката на Швајцарија Сибил Сутер Техада истакна дека Швајцарија активно учествува во Владиниот проект. Ова е трета година по ред како даваат поддршка за проектот, а со швајцарска поддршка досега се реализирани 20 мисии.

 
„Со швајцарска поддршка, во рамките на Проектот за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ), ќе бидат ангажирани петмина консултанти, за компании кои ќе бидат избрани на јавниот повик. Дознав дека една од компаниите именувала нов производ по презимето на експертот кој им помагал и сметам дека тоа е мало, но значајно признание за успешноста на проектот“, изјави Сутер Техада.


Владата денес потпиша и договор со Програма за зголемување на пазарната вработливост (IME) , која се спроведува од агенцијата Свисконтакт, со кој ќе се овозможи практична реализација на овој проект.