Премиерот Заев за еврејскиот празник Јом Кипур: Успеваме кога се разбираме и си подаваме рака, да продолжиме заедно, тоа носи спокоен и среќен живот

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, во име на Владата, го честита на граѓаните еврејскиот празник Јом Кипур.

„Ви го честитам почетокот на чествувањето на празникот Јом Кипур. Овој голем празник на простувањето во еврејската традиција покажува колку е важно меѓусебното почитување и разбирање, толеранцијата и поддршката, затоа што единствено така е можна заедничка среќа.

И ние сите во нашата заедничка Република Македонија, искусивме дека само преку подадена рака можеме да ги пречекориме препреките и да зачекориме напред во промените. Тоа не може да биде успех само на еден човек или на една заедница, тоа е нашиот заеднички успех во осознавањето дека само заедно можеме да обезбедиме спокој и благосостојба за нас и нашите семејства и просперитет за државата. Да продолжиме по тој пат!

Пожелувам овој празник да донесе свест кај секого за овие темелни човекови вредности што го овозможуваат индивидуалниот и колективниот развој и спокоен и среќен живот за сите.

Имајте празнични денови со мир во срцето и поттик за мир во срцата на сите“.