Mинистерот Поповски се сретна со Mисијата на ОБСЕ/ОДИХР: Има позитивна разлика во известувањето на медиумите за изборниот процес

 

Министерот без ресор во Владата на Република Македонија, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, денеска имаше средба со амбасадорката Одри Гловер, шефица на Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР за набљудување на локалните избори во Република Македонија, што ја придружуваа и нејзините соработници од мисијата.


Амбасадорката Гловер изрази интерес да добие повеќе информации за состојбата со медиумите во Репулика Македонија, со посебна нагласка на медиумското известување за периодите пред и за време на изборниот процес.


Министерот Поповски истакна дека со одредени исклучоци, во работата на медиумите во Република Македонија веќе може да се забележи разлика, која се должи на застапуваните принципи на новите владини политики за ослободување на просторот за работа на медиумите според професионалните стандарди. Сега, за разлика од порано, нагласи министерот Поповски, медиумите имаат и далеку поголем пристап до информациите за работата на Владата, министерствата и сите јавни и други државни претпријатија, согласно принципите за целосна транспарентна и отчетна работа на институциите.


Отворениот концепт за пристап до информациите за сите активности на Владата, е резултат на ветувањето на новиот владин состав, дека граѓаните на Реублика Македонија, секогаш и во целост ќе бидат редовно информирани за сите активности на Владата на РМ.


Во однос на медиумското известување пред, и за време на изборниот процес за актуелните локални избори, министерот Поповски изрази мислење дека во периодот од почетокот на кампањата до сега, може да се забележи голема разлика за медиумското известување во позитивна смисла. За исклучоците од овој позитивен тренд, министерот Поповски изрази надеж дека утврденото пристрасно известување на овие неколку медиуми, нема да влијае на изборниот процес.


Амбасадорката Гловер и нејзините соработници покажаа интерес и за најавените промени кои се очекуваат од новиот Предлог на закон за аудио и аудиовизуелни услуги, односно во колкава мерка предложените измени ќе се однесуваат на работењето на јавниот радиодифузен сервис Македонска радиотелевизија (МРТ) и на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги (ААВМУ).


Министерот Поповски информираше дека реформите во медиумите, вклучувајки ги и измените на законските прописи, се носат врз основа на утврдените сугестии за реформи на експертската група на Рајнхард Прибе, и врз основа на широката јавна расправа со медиумските претставници, здруженија и експерти за време на процесите во рамките на преговорите од Пржино.


Предложените измени ја опфаќаат и работата на МРТ и ААВМУ, и од нив се очекува целосно да ја обезбедат примената на професионалните стандарди во нивното работење, како и целосно елиминирање на можностите за политичко влијание врз нив.