Прес-конференција на министерот задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми

  

За прв пат во Република Македонија, една Влада се реши прашањето на дијаспората да го крене на едно повисоко политичко ниво. Тоа ни даде за сериозна обврска на прашањето на дијаспората да му пристапиме систематски и непопулистички, во насока на долгорочно решавање на проблемите на дијаспората. Не беше тешко да се утврди дека Македонија нема никаква стратегија во однос на дијаспората. Тоа е така, затоа што, досега, на дијаспората се гледало само низ призмата на изборниот глас.

Нашата цел е тоа да го промениме.


Затоа, во првите сто дена од формирањето на новата реформска Влада на Република Македонија, јас, како министер задолжен за дијаспората во Владата предводена од премиерот Зоран Заев, иницирав усвојување на Информација за потребата од изготвување на Национална стратегија за соработка со дијаспората. На 22-ри август, односно на 24-тата седница, Владата на Република Македонија ја усвои истата, со што за многу краток временски период и официјално започнуваме со нејзината изработка. Напоменувам дека во процесот на изработка на Националната стратегија за соработка со дијаспората ќе бидат консултирани сите релевантни фактори.


Паралелно на тоа, во текот на првите сто дена од формирањето на новата Влада, реализирани се средби со повеќе амбасадори во Република Македонија на кои им го пренесов методолошкиот пристап по однос на прашањето на дијаспората. Добивме максимална поддршка од нивна страна.


Дополнително, остварив низа тематски средби со индивидуалци и претставници на организации, притоа разменувајќи позитивни искуства за утврдување на приоритетите на дијаспората.


На средбите со организациите кои ги имаат иселениците т.е. нашата дијаспора, како Обединета Македонска Дијаспора, Форум за Демократска Македонија и Сојузот на Албанската Дијаспора, на отворен и транспарентен начин ги презентирав начините како заедно да ги достигнеме целите кои ги задоволуваат суштинските потреби на дијаспората.


Отворено разговаравме и за областите во кои дијаспората може да има значаен придонес за државата, како и за реализација на низа проекти кои би биле значајни за дијаспората.


Од особена важност беше средбата со Генералниот директор на Меѓународната Организација за Миграции, Амбасадорот Вилијам Лејси Свинг, на која ја разгледавме можноста за подлабока соработка помеѓу Меѓународната организација за миграции и Владата на Република Македонија по прашања поврзани со дијаспората.


Прв чекор кон продлабочување на соработката е вклучувањето на Меѓународната Организација за Миграции, преку свој експерт, во процесот на креирање на Националната стратегија за соработка со дијаспората. На средбата беше разгледана можноста Република Македонија во 2018-та година да биде домаќин на Самитот на министри за дијаспора.


Посетата на Босна и Херцеговина со владината делегација предводена од премиерот Зоран Заев, отвори можност за конструктивни средби кои ја инволвираат и дијаспората. На наше барање, кое беше прифатено од страна на Владата на БиХ, едно од нашите здруженија во Сараево ќе добие на располагање простории кои ќе им го овозможат секојдневното функционирање. Притоа, од страна на премиерот и повеќе министри, вклучително и јас, беше покренато прашањето за законско овозможување на двојно државјанство во БиХ, со тоа што ќе им се овозможи на нашите граѓани во БиХ, без да мора да се откажат од македонско државјанство, да добијат државјанство од страна на БиХ.


Исто така би сакал да истакнам дека на средбата со членот на управниот одбор на Американско-Израелската комора и секретар на Албанско-Американската Асоцијација на интелектуалци, стопанственици и активисти со седиште во Чикаго, САД, се разгледа можноста во 2018-та година да се организира економска конференција за развој и инвестиции на дијаспората во Република Македонија.


Би сакал да ја информирам јавноста дека на 11-ти и 12-ти септември реализирав посета на Хрватска, при што на средбите со властите на Република Хрватска информирав за подготовките на Владата на РМ за Националната стратегија за соработка со дијаспората. Дополнително, добив конкретни информации од хрватската страна за нивните искуства при регулирање на прашањето на дијаспората со закон и други дополнителни законски прописи, усогласени со препораките на ЕУ.


Добив информации за институционалното функционирање на Државниот уред на Р. Хрватска и нејзината секторска структура за грижа за Хрватите надвор од Хрватска, се со цел превземање на позитивните искуства и практики и имплементирање од наша страна. Договорено е македонската страна да покрене иницијатива за што побрзо реактивирање на работата на Меѓувладината мешовита комисија меѓу двете земји.


На средбата со градоначалникот на град Загреб, Милан Бандиќ, ми беше потврдено дека град Загреб и во наредниот период ќе помогне и ќе обезбеди дополнителни финансиски средства за финализирање на градежните активности на објектот МПЦ во Загреб.


Дополнително, сакам да информирам дека Владата на Република Македонија, ја разгледува можноста исто така финансиски да ја поддржи изградабата на црквата во Загреб. Инаку оваа е прва МПЦ која се гради на просторите на ех-ЈУ републиките.

 

 

Многу значајна беше официјалната посета на САД од страна на владината делегација предводена од Претседателот на Владата на РМ, Зоран Заев, кој имаше обраќање на Генералното Собрание на ОН.


Покрај учеството на Генералното Собрание на ОН, остварив средба со организацијата „Македонија 2025“, на која разговаравме околу можностите и потенцијалите за продлабочување на економската и бизнис соработка помеѓу Република Македонија и нејзината дијаспора. Дополнително, во САД остварив средби и со Обединета Македонска Дијаспора и Форумот за Демократска Македонија, на кои ги слушнав нивните размислувања по прашањето на дијаспората, како и нивните барања и потенцијални проекти кои би можеле да се реализираат во насока на задоволување на нивните реални барања и потреби.


Од 25-ти до 27-ми септември реализирав посета на Виена, Австрија, каде ја имав честа да говорам на регионален форум  во организација на Меѓународниот центар за развојни политики за миграции на тема „Директни инвестиции од дијаспората – Искуствата на земјите од Западен Балкан”. Ги споделив искуствата за Македонија и истакнав дека Владата на РМ и јас како министер за дијаспора, ќе вложиме максимални напори да ја интегрираме дијаспората во иницијативите за превземање на конкретни мерки за економски развој на нашата држава.


Нашата цел е да ги согледаме позитивните практики од држави кои имаат економска структура компаративна со нашата, да размениме ставови и искуства во поглед на инвестиции и потенцијални инвестиции од дијаспората, и најдобрите практики да се обидеме да ги имплементираме во Република Македонија.


Ќе и понудиме на дијаспората конкретни поволности, како никогаш досега, за отворање на бизниси и реализирање на инвестиции во Македонија.


Секојдневните работни средби со претставниците од дијаспората, здруженијата на иселениците кои се занимаваат со проблематиките на дијаспората, како и напорите и обидите за институционализирано поврзување на дијаспората и Република Македонија, ми даваат за право да истакнам дека мостот на довербата почнува взаемно да се гради и ќе продолжи и во иднина да се гради.


Чекорите кои ги превземавме, и оние кои ќе ги превземеме во периодот што следи, верувам дека дополнително ќе ја мобилизираат дијаспората во нејзинотото директно, и суштинско вклучување во политичкиот, економскиот, социјалниот и културно-образовните текови во Република Македонија.   


Силно верувам дека се движиме по вистинскиот пат и убеден сум дека заедно можеме многу да направиме по прашањето на дијаспората.

 

Категорија: