Премиерот Зоран Заев му ја честиташе наградата „Блаже Конески“ на професорот Виктор Фридман

 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска во својот кабинет го прими д-р Виктор Фридман, овогодишниот добитник на наградата „Блаже Конески“, што му е доделена во рамките на одбележувањето на 50 годишнината од основањето на МАНУ.


Честитајќи за добиената награда, премиерот му се заблагодари на професорот Фридман за долгогодишната истражувачка работа и промоција на Македонија и македонскиот јазик, и изрази подготвеност, од името на новата Влада, да бидат поддржани идеите на професорот Фридман за неговите идни проекти во полето на неговата експертиза.


- Секаде каде што можеме, ќе ве поддржиме во вашата понатамошна работа. Вие многукратно сте ја докажале вашата љубов кон Македонија и македонскиот јазик, и затоа ќе ги изнајдеме начини да ви помогнеме во реализација на вашите понатамошни идеи – рече премиерот Заев на средбата со професорот Виктор Фридман.


Премиерот Заев и професорот Фридман разговараа за посилна поддршка на Истражувачкиот центар за ареална лингвистика при Македонската академија на науките и уметностите, како и за отворање на центар за балканска лингвистика во рамките на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.


Професорот Виктор Фридман, повеќе од 30 години се занимава со лингвистиката на Балканот, а од 1994 година е член на МАНУ надвор од работниот состав.