Обраќањето на премиерот Заев на свеченоста по повод празникот „Ден на востанието на Македонија – 11 Октомври“

Почитувани борци, членови на Сојузот на борците на Република Македонија,
Почитувани претставници на Собранието на Република Македонија,

 
Почитувани претставници на Владата на Република Македонија,


Почитувани припадници на Армијата на Република Македонија,


Почитувани екселенции и претставници на дипломатксиот кор во Република Македонија,


Почитувани граѓанки и граѓани,


Пред 76 години, нашите сограѓани во Прилеп и Куманово, се одважија и презедоа акции со кои го означија почетокот на востанието на македонскиот народ, и на сите други граѓани во Македонија, против фашистичкиот окупатор и почетокот на завршните процеси за впишување македонска држава на мапата на народите на светот.


Историјата и историчарите ги имаат фактите, но дозволете денес да ги споделам со вас, моите лични впечатоци за храбрите, слободољубиви државотворци, кои тоа утро, не само во Прилеп и Куманово, туку низ цела Македонија, се кренаа на крилјата на идејата, на мислата, на стремежот, Македонија да ја направат дом на слободата, победник над фашистичкото зло.


И, со тоа да станат дел од светскиот победнички сојуз на државите што се кренааа против фашистичката закана, да изградат од новата држава светилиште на слободата и да ги положат и нивните животи на пиедесталот на новата држава, како подарок и како завет за сите идни генерации – Слободата никогаш да не ја изгубат и да не ја доведат во прашање.


Од тогаш наваму, во текот на сите изминати 76 години, ова беше нашиот завет. Овој завет не смееме да го прекршиме.


Почитувани сограѓани, борци и соборци, вљубеници во слободата,
Големите, драматични и пресвртни настани во историјата, речиси по правило се поттикнати од процеси, или во епохи, кога некој ретрограден ум или агресивна сила, ќе го предизвика прогресивното човештво на реакција.


Може да биде наречена судбина, може да биде дури и сплет на историски и политички околности, но храбрите борци за слобода, во 1941 година, организирани во партизанските единици на народното ослободително движење, го завршија делото наречено држава Mакедонија.


Семето на злото што го посејаа фашистичките сили низ целиот свет, наместо плодови на злото, роди фиданки на слободата, кои набргу се обединија во глобална антифашистичка борба за да се создаде нов поредок на демократијата и на слободни нации.


Во такви бурни, преломни времиња на светската историска сцена, како резултат на националната ослободителна борба и антифашистичко востание, се роди и нашата држава. Држава, што на нејзината цел ја доведоа мажите и жените, борците и борките на партизанските одреди на народното антифашистичко одлободително движење, на кои им припадна таа историска шанса и чест.


Ние денеска им оддаваме должна почит на тие храбри, државотворни луѓе, кои се одважија во моментите кога исчезнуваше надежта, кога згаснуваше слободата на луѓето, слободата на совеста, токму во тие моменти кога светот беше на работ на провалијата, да ја видат и да ја зграпчат можноста, да им ја вратат слободата на граѓаните на Македонија и да ја остварат вековната цел – македонска држава!


Борците на НОБ, им ја дарија новата држава на идните генерации да ја чуваат, да ја негуваат и да ја развиваат, а на светот, во светската културна ризница, му ги подарија безвременските скапоцености на нашата културна историја и традиција.


Почитувани граѓани на Република Македонија,


Празнувањето на значајните датуми и празници од нашата историја, не треба да бидат само формалност и протокол.
Кога би биле сведени само на тоа, таквото одбележување би било неправда и навреда за татковците и мајките на нашата државност.


Празниците се добри моменти кога секоја генерација што ги слави и прославува треба да се запраша:


Како да го зачуваме она што го наследивме и како од Македонија да направиме подобра држава, поубаво место за живеење? Како да направиме чекор повеќе во освојувањето на слободата за сите наши граѓани?


Затоа што слободата и живејачката не се еднаш засекогаш зададени во одредени рамки. Секоја генерација е должна да ги проширува видиците. За сите граѓани на нашата држава. И да реагира тогаш кога некој го блокира, го оневозможува развојот на слободата, или самата слобода.


Нашите претходни генерации, оние што ја извојуваа и што ни ја подарија државноста и слободата да живееме во неа, не ни ја дадоа за да ги делиме луѓето, за да ја злоуптребуваме слободата само за некои што се сметаат за избрани и за привилегирани. Тоа е искривена слика за слободата. Тоа не е слобода.


Кога Македонија беше создадена како дом на слободата, таа беше создадена да биде дом на слободата на можностите, да биде дом на изборот, на слободата на изразувањето и на мислата, слобода на животот на сите. За сите нејзини граѓани. Македонија на сите и за сите.


Сега е време, после сите последни премрежија и искушенија, да направиме од нашата држава дом за сите. Сите наши деца да ја видат како своја сопствена дестинација. Должни сме да им дадеме доволно причини да си го видат своето, сопствено место во домот Република Македонија.


Сега е време да им докажеме на последните скептици дека Република Македонија како дом на слободата на сите нејзини граѓани, е новата ѕвезда во европското соѕвездие. Дека го заслужуваме тоа место.


Затоа мораме да продолжиме, одлучно и храбро, и да исчекориме во решавање на последните отворени прашања за нашата држава во освојувањето на нашата стратешка цел во оваа фаза од нашата историја – побогато општество и повеќе можности за сите, членството во НАТО, а потоа и членството во Европската Унија.


Велам: во оваа фаза од нашата историја, зашто тоа не е последната цел. Нашата цел, целта на оваа генерација, всушност, нема крај. Зашто освојувањето на слободата, како и чувањето на мирот, никогаш не завршуваат.


Празнувањето на големите датуми, оддавањето чест на сите наши претходници вградени во државноста и во слободата на Република Македонија, е само еден дел од нашата должност кон нашето достојно минато.


Но, патриотизмот не завршува тука.


Нашиот патриотизам, идните генерации ќе го слават само ако им дадеме повеќе причини за тоа. Како што нам, причини за славје ни даде генерацијата на партизаните од антифашистичката и народноослободителната борба.


Нека ни е честит 11 октомври, Денот на востанието на Македонија, да живее Слободна Македонија!