Средба на премиерот Заев со амбасадорот на Казахстан, Рустемов: Македонија направи чекор напред, отворени се можности за интензивирање на соработката во економијата, енергетиката, екологијата

 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, претпладнево се сретна со Нурбах Рустемов, амбасадор на Република Казахстан за Република Македонија.

 

„Направивте чекор напред“ е оценката со којашто амбасадорот на Казахстан Рустемов ги оцени промените што се случија во Република Македонија.

 

На средбата е изразена заедничка согласност дека постои голем потенцијал за развој на односите помеѓу Република Македонија и Република Казахстан во области значајни за граѓаните на двете држави.

 

Посебно е истакната определбата на двете страни за интензивирање на соработката во областа на економијата.

 

- Владата на Република Македонија посветува големо внимание на странските и на домашните инвестиции, затоа што на тој начин може да се придонесе кон нови и подобро платени работни места за квалитетен живот на граѓаните, што е примарна цел на новата Влада. Затоа се отвораме целосно за продлабочување на економската соработка и за поврзување на бизнис заедниците од двете држави, кои убеден сум дека ќе најдат мотив за соработка, што ќе донесе добро и за нашите граѓани и за нашите држави, рече премиерот Заев.

 

На средбата се разговараше и за поконкретни активности на соработка во областа на енергетиката и на третманот со отпад. Премиерот Заев  посочи дека Владата е силно посветена да обезбеди чиста животна средина за граѓаните и развој на квалитетно земјоделство, за што е потребно решавање на проблемот со депониите, како и обезбедување електрична енергија преку фотоволтаици коишто овозможуват употреба на природни извори на енергија како што е сонцето, а со тоа и заштеди во семејните буџети.

 

- Целосно сме фокусирани на вториот дел од реформскиот План 3-6-9 на Владата, бидејки првиот дел успешно е заокружен. Следуваат реформи во клучни области, со цел независно правосудство, медиуми, обезбедување независни државни институции. Водиме инклузивни политики во овој процес, а ги продлабочивме и пријателските односи со соседите. Сето тоа придонесува кон подобар живот на граѓаните во Македонија и ги отвора вратите на Република Македонија кон ЕУ и НАТО, што се наши стратешки цели.  Евро-атлантските перспективи  дополнително ќе значат охрабрување за инвестициската клима, но и стабилност на Македонија и на регионот, додаде премиерот Заев.

 

На средбата е договорено да продолжат контактите меѓу двете држави и со средби на официјално, владино ниво, со цел реализација на утврдените можности за соработка.