Средба на министерот задолжен за странски инвестиции, проф. д-р Аднан Ќахил со амбасадорот на Република Франција, Н.Е. Кристијан Тимоние

 

Министерот задолжен за странски инвестиции во Владата на Република Македонија, Проф. Д-р Аднан Ќахил, во просториите на Кабинетот, денеска оствари средба со амбасадорот на Република Франција во Република Македонија, Н.Е. Кристијан Тимоние.


Амбасадорот Тимоние пренесе честитки до Министерот задолжен за странски инвестиции Проф. Д-р Аднан Ќахил и му посака многу успех во работата. Тој ја укажа важната улога на странските инвестиции во Република Македонија, потенцирајки дека неговата посета содржи иницијатива за развивање на соработка помеѓу Република Франција и Република Македонија.

Н.Е. Кристијан Тимоние додаде дека престојните локални избори имаат големо значење за политичката и економската стабилност во Република Македонија, што е клучен фактор за интересот кај странските инвеститори.

„Мора да признаам дека во последните години интересот кај француските компании беше значително намален, но со последните промени во политичката сцена на државата, почнува да се чувствува дека интересот заживува. Компаниите даваат големо значење на големината на пазарот и регионалната економска стабилност. Пораките што ги праќа новата влада предводена од г-динот Зоран Заев, упатуваат на отвореност и подобрување на условите за странските инвеститори. – изјави Тимоние.

Министерот Ќахил го информираше амбасадорот за новиот пакет мерки за економски раст. Воедно ја истакна важноста на концептот за политичка и економска стабилност како основа за привлекување на странските инвеститори.

„Општите принципи за доделување на државна помош нема да бидат променети, како ослободување од одредени даноци,  градење инфраструктура и така натаму. Она што го променивме е изедначувањето на странските и домашните комании, како и пристапот за одредување на субвенциите. Мерките кои за кратко време ќе бидат во финална форма, ќе бидат транспарентни, со што секој инвеститор ќе може да ја пресмета државната помош што му следува.За држава која се стреми кон членството во Европската Унија, недозволиво е да не се овозможи прецизност, избалансираност и транспарентност при доделувањето. Новата влада знае дека тоа е основ при воспоставувањето на релациите помеѓу државата и бизнис заедницата– рече Министерот Ќахил.

Проф. Д-р Аднан Ќахил му се заблагодари на амбасадорот на Република Франција во Република Македонија, Н.Е. Кристијан Тимоние и го увери дека верува во продлабочување и подобрување на соработката во доменот на странските инвестиции.