Премиерот Заев се сретна со граѓански активисти за одбрана на правата на граѓаните

 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со претставници на Здружението за заштита на граѓанските права „Но пасаран“ и Конфедерацијата на синдикати на Македонија (КСОМ).

На средбата со премиерот, Ана Глигорова и Марјан Ненов од „Но пасаран“ и Марјан Ристески и Кристина Антеска од КСОМ, како и нивниот правен застапник, адвокатот Донче Стаменков, ги презентираа своите барања и сугестии за измени на Законот за извршување и Законот за нотаријат, со цел да се намалат проблемите со кои се соочуваат граѓаните при наплаќањето на долговите.

- Ние се залагаме за извесен Мораториум кој се однесува на периодот на извршувањето на одлуките поврзани со комуналните услуги на доверителите, формирање на Регулаторна комисија преку која државата ќе контролира како се одредуваат вкупните камати за долговите, како и сумата за која се врши блокирањето на сметката на должниците - пренесе Глигорова додавајќи дека е потребно да се врши ревизија на работата на извршителите и нотарите.

Нејзиниот колега, Ненов потенцираше дека оваа проблематика, со наплаќањето на енормни суми за долг, кој претходно без каматите е за неколку пати помал, не засега само една социјално загрозена група, туку сите граѓани на државата.

Претставниците на Конфедерацијата на синдикати на Македонија (КСОМ), посочија дека до нив постојано стигаат жалби од граѓани, за неправилности при наплатата на долговите од страна на извршителите и судовите.

Адвокатот Стаменков оцени дека одредени законски измени ќе доведат до либерализација на пазарот на извршители и нотари.

- Една од клучните цели на владината програма е да ги намалиме трошоците на граѓаните и да ги вратиме парите кај граѓаните. Потребно е, да овозможиме излегување од овој маѓепсан круг и да го зајакнеме финансискиот капацитет кај граѓаните - рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата на Република Македонија на средбата додаде, дека за решавање на изнесеното крупно прашање, е потребно да се отвори јавна дебата со граѓанските активисти, за да се утврдат сите детали и потреби од идни дејствија.

- Потребно е, да се вклучат институцииите, пред сè законодавната власт – Собранието на РМ, да се најде решение за сите - рече премиерот Заев на средбата со претставници на Здружението за заштита на граѓанските права „Но пасаран“ и Конфедерацијата на синдикати на Македонија.