Mинистерот Поповски се сретна со францускиот амбасадор Кристиан Тимоние: Изборите беа организирани во фер и демократска атмосфера, Франција ќе продолжи со поддршката во медиумската сфера

 

Министерот без ресор во Владата на Република Македонија, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, денеска имаше работна средба со амбасадорот на Република Франција, Кристиан Тимоние.

- Ви честитам за севкупната клима на организирање фер и демократски избори. Генерално, атмосферата беше видно порелаксирана и во областа на медиумите, што е лично Ваша заслуга како министер задолжен за медиумскиот сектор и на Владата, оцени амбасадорот Тимоние.

Со министерот Поповски, францускиот амбасадор разговараше и за актуелната состојба и оценките за напредокот во медиумската сфера, напредокот на најавените реформи на  законската регулатива во медиумскиот сектор, а беа договорени и неколку билатерални средби на министерско и премиерско ниво.

- Македонските граѓани, на локалните избори гласаа цивилизирано, во слободна и демократска атмосфера без никаква пресија, која беше присутна во минатото и тоа беше изненадување и за нас, истакна Поповски. Тој додаде дека Владата и тој самиот како дел од неа, ќе продолжи со обезбедувањето на услови за слободата на говорот, транспарентното и отчетно работење на институциите, бидејќи граѓаните имаат право да знаат како се трошат нивните пари.

Изразувајќи задоволство од резултатите на локалните избори, министерот Поповски изрази уверување дека Владата ќе продолжи со поддршката на граѓанскиот концепт на централно и локално ниво, посебно акцентирајќи ги медиумските реформи предвидени во рамките на планот 3-6-9 во насока на забрзување на евроатланските интеграции на земјава.

- Според Извештајот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во најголем дел немаше притисок врз медиумите во врска со нивното известување на изборите и за време на кампањата, иако за жал некои медиуми продолжија со неизбалансираност, рече Поповски нагласувајќи дека актуелната заложба на Владата е презентирање на вистината и објективно информирање.

Неговата екселенција Тимоние, беше информиран и за плановите и текот на ревидирањето на јавниот сервис, Македонската радио телевизија (МРТВ), како и со состојбата на печатените медиуми.

Министерот Поповски информираше дека реформите во медиумите, вклучувајќи ги и измените на законските прописи, се носат врз основа на утврдените сугестии за реформи на експертската група на Рајнхард Прибе и врз основа на широката јавна расправа со медиумските претставници, здруженија и експерти за време на процесите во рамките на преговорите од Пржино.

- Покрај предвидените реформи од Планот 3-6-9, реализиравме и одредени барања кои се однесуваат на медиумскиот сектор. Донесовме одлука за поддршка на истражувачкото новинарство, бесплатен пристап до информациите од Централниот регистар и Агенцијата за катастар на недвижности, рече Поповски.

 

 

Двајцата соговорници разговараа за заложбите на Владата на Република Македонија кон отвореност и целосна транспарентност на сите институции кон граѓаните,  редовно објавување на дневните редови и записници од седниците на Владата на веб страницата, одржување прес конференции, како и редовни неделни брифинзи со претставници на медиумите .

- Во делот шест, од Агендата, во наредните месеци, планираме да отвориме јавна дебата за согледување на потребата од измени и дополнувања на  Законот за медиумите, во која ќе учествуваат невладини и граѓански организации, новинарски здруженија и меѓународни организации, подвлече министерот Роберт Поповски.

Според Поповски, доколку на граѓанската дебата се согледа потреба од измени на Законот, предлог законското решение ќе биде ставено на дневен ред на седница на Влада, а потоа ќе се испрати во Собранието на РМ.

Францускиот амбасадор во земјава, ги поздрави најавените мерки за отворање истраги од страна на Министерството за внатрешни работи за пријавени притисоци од страна на новинарите и граѓанските здруженија, како и за заложбите за изнаоѓање решение за помош на печатените медиуми кои се во замирање.

Министерот Поповски го запозна Тимоние со размислувањата и предлозите на Владата на РМ за евентуално субвенционирање на печатените медиуми во Македонија, истакнувајќи дека посебно се води сметка да се изнајде соодветен начин, за да се избегнат обвинувањата за политичко влијание врз овие медиуми.

Амбасадорот Кристиан Тимоние забележувајќи дека Владата знае каде оди со чекорите кои ги презема, ја изрази подготвеноста на Франција да помогне  во медиумската сфера, да ги помага новинарските здруженија, особено ЗНМ и да размислува во правец на помош на печатените медиуми.