32-ра седница на Владата: Проф. д-р Ана Павловска-Данева именувана за член на ГРЕКО; Владините институции ќе го забрзаат постапувањето по препораките на Народниот Правобранител; Царинските управи на Македонија и Русија ќе си ги олеснат царинските постапки

 

Владата на Република Македонија на својата редовна, 32-ра седница, усвои информација со предлози за надминување на состојбата во Друштвотo за производство на производи со посебна намена „11 октомври-Еурокомпозит“ АД Прилеп. За таа цел, Владата ги задолжи Заменик на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, д-р Кочо Анѓушев, и Министерството за финансии, во соработка со Генералниот Секретаријат да подготват соодветен акт за надминување на состојбата во оваа компанија.

Владата нa денешната седница одлучи дека нема мислење за предлог-законот за изменување на Законот за заштита од пушењето на предлог на пратеници од Собрание на Република Македонија, и истиот се враќа во собраниска процедура.

Владата на денешната седница ја именуваше проф. д-р Ана Павловска-Данева за член на ГРЕКО – Група на држави против корупција на Совет на Европа, како претставник од Република Македонија.

На седницата е усвоена и информација за постапување по обраќањата и препораките на Народниот правобранител упатени до Владата на Република Македонија. Владата ги задолжи сите ресорни институции да ги применуваат и да постапат по барањата, укажувањата и препораките упатени до нив од Народниот правобранител.

 

 

Владата на денешната, 32-ра седница ја разгледа информацијата за текот и прогресот на активностите за реализација на проектот „Евтини летови за македонските граѓани“ за периодот од 2015 до 2018 година, на предлог Министерството за транспорт и врски.

На предлог на Секретаријатот за европски прашања, Владата на РМ денеска ги задолжи министерствата надлежни за политиките и за борба против корупцијата да издвојат предмети кои се однесуваат на корупција, на перење пари, организиран криминал. Овие предмети ќе бидат доставени до телата на Европската Комисија на ЕУ, која врз основа на нив ќе ја започне постапката за евалуација на системот за справување со корупција и организиран криминал на Република Македонија.

 

Секретаријатот за европски прашања на денешната седница на владата пред министрите ја достави информацијата со која се иницира потпишување на Спогодба за финансирање помеѓу Европската комисија и Владите на Република Македонија и Република Албанија за Акциската програма за преку–гранична соработка.

Владата денеска донесе одлука и за преговори за склучување на Протокол помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Косово за соработка во областа на борбата против трговија со луѓе.

На денешната седница е разгледана и информацијата за склучен Протокол помеѓу Царинската управа на Република Македонија и Федералната царинска служба на Руската федерација, за размена на документи и информации поврзани со царинска вредност на стоки и Работен план за соработка помеѓу двете царински управи за спречување на царински прекршоци

На својата редовна 32-ра седница, Владата на РМ разгледа и усвои повеќе извештаи за финансиското и редовното работење на повеќе владини институции и агенции како Агенцијата за филм на Република Македонија, на Институтот за стандардизација, како и на Акционерското друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање на услуги во воздухопловната навигација М–НАВ.

 

Категорија: 
Галерија со слики: