Премиерот Заев: Борбата против насилничките закани против човештвото немаат националност и религија, и во справувањето со нив мораме да бидеме единствени и заедно

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, денеска се обрати на конференцијата на тема „Странски терористички борци, промовирање, превенција и отпорност”, во оргнизација на мисијата на ОБСЕ во Република Македонија, американската амбасада во Скопје, и на Националниот комитетот за сузбивање на радикализација и насилен екстремизам.

Премиерот Заев во своето обраќање рече:

Република Македонија, како сите други демократски земји, го гради своето општество и врз принципите договорени со мултилатералните договори и меѓународни конвенции на Обединетите Нации. Вредностите што ги споделуваме со сите се: демократијата и плурализмот, владеењето на правото и правната држава, почитувањето на сите човекови права за сите, секаде и секогаш, слободниот економски пазар и рамноправноста меѓу народите.  

Во застапувањето, примената и одбраната на овие принципи, еднаков придонес има секоја земја поединечно. Истовремено, земјите што ги застапуваат овие вредности, учествуваат и во ад-хок создадените коалиции за спречување и борба против феномените што со насилство ги загрозуваат принципите на демократскиот и слободен свет.

Балканските земји, меѓу кои и Република Македонија, во континуитет се изложени на закани и ризици, од тероризмот и насилниот екстремизам, со сите нивни појавни форми.

Заканите од тероризам дополнително се зголемија со актуелизирањето на феноменот „странскиборци“, односно со приклучувањето на десетици илјади борци од целиот свет во различни парамилитантни формации. Една од таквите парамилитантни организации и актуелна закана за демократскиот свет е терористичката структура - „Исламска држава“.

Имајќи ја предвид сложеноста на радикализацијата и насилниот екстремизам, кои водат кон тероризам, овие феномени се во врвните безбедносни приоритети на нашата земја.   

Во таа насока, согласно актуелните потреби, Република Македонија врши постојана надградба на нормативните и институционални безбедносни капацитети, како и во донесувањето на постојано ажурирани превентивни политики.

Со одлука на Владата ова лето, Република Македонија формираше Национален комитет за борба против тероризам и насилен екстремизам, како важна одредба од Планот 3-6-9 за зајакнување на институционалната структура за борба со овие безбедносни предизвици. Од документите и прифатените политики ги издвојувам „Националната стратегија за борба против тероризмот“ и „Националната стратегија за сузбивање на радикализација и насилен екстремизам“, кои имаат за цел да развијат ефикасни и функционални механизми за справување со актуелните закани и ризици.

Овие стратегии опфаќаат и социолошки мерки, како дел од така наречената – мека превенција.

Сакам да нагласам дека овие стратегиисе израз на политичката волја и подготвеност, Република Македонија да изгради ефикасен, ефективен и модерен систем во борбата против радикализацијата и насилниот екстремизам кои водат кон тероризам. Тие се дел од еден поширок општествен ангажман не само на владините безбедносно-разузнавачки служби, туку и на сите општествени чинители од политички, правен, образовен, социјален и верски аспект.

Во исто време укажувам и на фактот дека Република Македонија е посветена на промоција и унапредување на слободата на мисла и  слободата на израување, без разлика дали станува збор за либерални, конзервативни или можеби радикални групи и индивидуи, но органите за спроведување на законот ќе преземаат мерки секогаш кога радикализацијата и екстремизмот се поврзани со насилство, кршење на човековите права или друго незаконско дејство.

Од аспект на меѓународната димензија на овие феномени, сметаме дека ниту една држава не може сама да одговори на овие глобални безбедносни закани. Оттаму, ефикасната превенција и сузбивање на појавните облици на овие закани подразбира координирана акција, градење и учество во заедничка безбедносна стратегија и акции со стратешките партнери на Република Македонија, САД, земјите на Европската Унија, како и нашите соседи.

Заканата од зголемена радикализација и од странските борци, е загриженост што ја делиме сите земји од Западниот Балкан. Таа радикализација ѝ се заканува и на регионалната стабилност со повремено поларизирање и поделби во регионот, најчесто на меѓуетнички и на верски план. Ова е причината зошто е потребна регионална соработка на сите нивоа, за успешна борба против радикализацијата.

Позитивен развој е формирањето на платформата за регионална соработка против насилниот екстремизам и против феноменот на странските борци. Оваа иницијатива е израз на заедничките ставови кога станува збор за борба против овие глобални закани.

Во таа смисла, од суштинско значење е развивањето и на превентивната компонента.Тоа подразбира проактивен пристап, висок степен на унифицираност, континуирана професионална надградба за подигнување на нивото на оперативна способност и ефикасен одговор на сите безбедносни закани поврзани со тероризмот.

Дозволете ми да укажам дека оваа конференција е еден од тие сериозни и функционални придонеси во справувањето со заканата од насилен радикален екстремизам и тероризам со кој се соочува човештвото.

На крајот на ова мое обраќање ќе завршам со една изрека која вели дека „тероризмот нема националност и религија“. Ако е така, тогаш и борбата против насилничките закани против човештвото немаат националност и религија, и во справувањето со нив мораме да бидеме единствени и зaедно.