Манчевски и Димитров: „Македонија ќе биде земја домаќин на Дигиталниот Самит на Западен Балкан"

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и министерот за надворешни работи Никола Димитров, на денешната прес конференција го најавија првиот Дигитален Самит за земјите од Западен Балкан, што ќе се одржи во Македонија на пролет следната година.


Македонија како домаќин на Самитот се наметнува како активен чинител во сферата на регионалната соработка.


„Како една од приоритетите цели и предуслов за одржлив развој е потребата од инфраструктурно поврзување. Градењето мостови на соработка не треба да биде само декларативна заложба. Но покрај патишта, пруги и коридори, треба да иницираме и мостови на електронско поврзување. Воспоставувањето единствен дигитален пазар е еден од врвните приоритети на ЕК за периодот 2015-2019. Дигиталната агенда е важна и за нас. Дигитализацијата ќе овозможи низа нови можности и перспективи, ќе не направи покомпетитивни, ќе минимизира низа бариери и ќе ја олесни комуникацијата меѓу граѓаните, индустријата и бизнис заедницата“, истакна министерот Димитров, осврнувајќи се на важноста од организирање на ваков настан.


„Да се надеваме дека Самитот ќе биде предвесник на нови можности и перспективи во дигиталниот свет. Во реалниот свет, наредната пролет очекуваме нови перспективи на нашиот пат кон Брисел, и за ЕУ и за НАТО. Тоа е добро и за нас и за регионот“, заклучи Димитров.


Министерот Манчевски се осврна на предвидениот концепт и теми за Дигиталниот Самит.


„Според предлог концептот презентиран на состанок во Регионалниот совет за соработка во Сараево, Дигиталниот Самит ќе трае два дена, а ќе бидат опфатени неколку теми како што се: Дигитални мрежи и услуги, поврзување и пристап, доверба и безбедност, дигитални вештини и дигитална економија и општество. Овие теми ги обединува дигитализацијата, четвртата индустриска револуција каде неизбежен дел се и лажните вести. За предизвиците во оваа област предвидуваме посебна работилница“, информираше Манчевски.


Дигиталниот самит предвидува и експо дел, каде дигиталните компаниите ќе имаат можност да ги претстават своите остварувања. Ова ќе претставува единствена можност за македонските сопственици на ИТ компании, образовни ИТ институции, иноватори и претприемачи, да ја презентираат својата работа и да остварат соработка со лидерите од оваа област во регионот, како и да го прошират својот бизнис во регионот и во ЕУ.


Министерот Манчевски, непосредно пред прес конференцијата оствари работна средба со сите засегнати страни, кои ќе бидат вклучени во организирање на Дигиталниот Самит.