Средба на премиерот Заев со швајцарската амбасадорка Тејада и високи претставници на НДИ: Постои видлив прогрес во демократските процеси во Македонија, сега е момент да се зајакнат и капацитетите на Парламентот

 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, попладнево се сретна со Сибил Сутер Тејада, амбасадорка на Швајцарија во Република Македонија, како и со претставници на НДИ, Скот Хабли, директор за програми за управување, Роберт Скот заменик резидентен директор на НДИ за Македонија и Крис Хеншоу, резидентен сениор директор на НДИ во Македонија.

Постои видлив прогрес во справувањето со предизвиците по промените во Македонија, сега е момент да се зајакнат и капацитетите на Парламентот, што ќе придонесе кон развојот на започнатите демократски процеси во Македонија, констатираа претставниците на НДИ и швајцарската амбасадорка Тејада на средбата со премиерот Заев.

На средбата се поздравени политиките на премиерот Заев и на Владата за вклучување на граѓанскиот сектор како партнер во креирањето на одлуките од директно значење за граѓаните. Сепак законите и нивните измени се носат во Парламентот и за тоа е потребна поддршка од целото општество во изградбата на фукнционални парламентарни механизми.

- Ние сме отворена Влада, којашто работи инклузивно со граѓанскиот сектор, со можности за вклучување и на опозицијата, како и на сите поединци или групи експерти, коишто можат да придонесат кон изградбата на здраво демократско општество, што е од бенефит и за квалитетот на живот на граѓаните и за стратешките евро-интеграциски цели на Република Македонија. Во таа насока насочени сме кон почитување и зајакнување на Парламентот, институција која за жал беше деградирана години наназад. За тоа сме подготвени да работиме со НДИ и со сите што можат да помогнат во овој важен дел од демократскиот развој на Република Македонија, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев додаде дека зајакнувањето на Парламентот и носењето на квалитетна легислатива, ќе ги постави институциите на своето место во општеството, а тоа е од интерес и на граѓаните и на државата.