Средба на премиерот Заев со аргентинскиот амбасадор Труеба: Македонија се движи во добар правец на политички план, разговарано е за можности за унапредување на соработката

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со Алберто Алфредо Мануел Труеба, вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Аргентина за Република Македонија.

Аргентинскиот амбасадор Труеба констатираше дека Република Македонија се движи во добар правец на политички план и ги поздрави заложбите на премиерот Заев и на Владата за обезбедување повисок животен стандард и квалитетен живот за граѓаните.

- Пред нас сега е отворен простор да обезбедиме развој на државата и перспективи за граѓаните, како и напредок во евро-атлантските стратешки цели, по надминувањето на политичката криза и демократските промени. Посветени сме на економијата, поддршка на претпријатијата, привлекување инвестиции, унапредување на трговските односи со државите од регионот и светот низ пријателската регионална и меѓународна соработка, рече премиерот Заев.

На средбата е оценето дека Република Македонија и Република Аргентина споделуваат исти вредности, за подобар живот на граѓаните, нови работни места, развој на економијата и развој на меѓународната соработка.

Констатирани се добри и пријателски релации помеѓу Република Македонија и Република Аргентина и е изразена заедничка определба за интензивирање на соработката во повеќе области на политички и економски план.