Владините делегации на Република Македонија и Република Словенија се договорија да ѝ дадат нова димензија на добрата соработка, во интерес на граѓаните на двете земји

 

Владината делегација на Република Македонија, предводена од премиерот Зоран Заев, во придружба на заменик претседателот на Владата на РМ и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерот за економија, Крешник Бектеши, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, министерот без ресор задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми и државниот секретар на Министерството за надворешни работи, Виктор Димовски, одржаа билатерални и пленарна средба со своите колеги од словенечката страна предводени од премиерот Миро Церар.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, на пленарната средба меѓу двете владини делегации истакна дека со оваа посета се реафирмираат веќе исклучително добрите односи меѓу двете земји.

- За Република Македонија е исклучително важно ова наше меѓусебно пријателство и поддршката што ја имаме во процесите за нашите ЕУ и НАТО интеграции. За нас е важна и економската соработка, која ја оценувама како многу добра, и се согласивме со колегата Церар дека тука имаме уште многу што да си кажеме едни на други – рече премиерот Заев.

Премиерот Заев ги информираше домаќините за најновите настани во Република Македонија, особено во делот на реформите.

- Резултатите на изборите ни даваат поттик да ги интензивираме нашите реформски процеси и тоа се нашите определби во наредниот период. Интегративните процеси внатре во земјата исто така добија нова димензија и имаме сериозни позитивни придвижувања на овој план – потенцираше Претседателот на Владата на РМ, Зоран Заев.

 

 

Премиерот Заев зборуваше и за очекувањата на Република Македонија во однос на евро-атлантските процеси и дека овие активности ќе имаат сериозен поттик доколку добијат поддршка од сите наши пријатели.

Во поздравниот говор на средбата, премиерот на Словенија, Миро Церар нагласи дека Република Македонија и Република Словенија отсекогаш ги поврзувало искрено пријателство и добри односи во сите области, на високо рамниште.

- Економските односи се добри, но сакаме уште повеќе да ги подобриме. Имаме потенцијал за интензивирање на соработката – истакна на пленарната средба на двете делегации премиерот на Република Словенија, Миро Церар.

Словенечкиот премиер како посебни значаен и како потврда на ова пријателство го истакна фактот дека голем број на студенти од Македонија учат на факулетите во Република Словенија.

Премиерот Церар ја истакна целосната поддршка во ЕУ и НАТО аспирациите на Република Македонија и понуди конкретна помош и асистенција за овие процеси, во оваа фаза или во фазата на пристапните разговори со ЕУ.

Словенечката владина делегација, како придонес повеќе во поддршката на Република Македонија во евро-атлантските аспирации, ја сподели информацијата со македонската страна дека Република Македонија во Брисел ѝ даде нов поттик на групата земји членки на ЕУ пријатели на Република Македонија за да се забрза овој процес во Брисел.

Во продолжение на средбата, министрите од двете страни ги информираа премиерите Заев и Церар за разговорите и за конкретните обврски што ќе бидат преземени за нови димензии на соработката меѓу Република Македонија и Република Словенија.