Средба на премиерот Заев со унгарскиот амбасадор во Македонија, Ласло Дукс: Унгарија е и ќе остане силен поддржувач на Македонија за побрз влез во ЕУ и НАТО

 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска оствари средба со делегација од Унгарската Амбасада во земјава, предводена од амбасадорот, д-р Ласло Дукс.

Потенцирајќи дека секоја средба со пријателска земја како Унгарија е добредојдена, премиерот Заев, на амбасадорот Дукс му изрази особена благодарност за заложбата на Унгарија во насока на забрзување на евро интеграциските процеси на Македонија. Во исто време премиерот Заев побара Унгарија и натаму да биде силен поддржувач за побрз влез на Република Македонија во ЕУ и во НАТО, со цел земјава полесно да ги исполни Европските стандарди.

„Регионот на Западен Балкан, нашата земја и нашите граѓани заслужуваат и Македонија да стане дел од Европското семејство, долго време веќе чекаме пред вратите на ЕУ“, истакна премиерот Заев на средбата.

Амбасадорот на Република Унгарија, Дукс од своја страна му вети на премиерот Заев дека ќе ја охрабри Европската комисија во својата стратегија за проширување, во позитивен контекст, покрај Србија и Црна Гора, да ги спомене и Македонија и Албанија.

Премиерот Зоран Заев ја искористи средбата и за да му се заблагодари на унгарскиот амбасадор Дукс за помошта која што и ја пружаше Унгарија на Македонија во текот на мигрантската криза.

Амбасадорот Дукс истакна дека во тек е процесот на реализација на неколку големи инвестиции на унгарски компании во Македонија. Со тоа, потенцираше амбасадорот, ќе се зајакне и онака силната економската соработка меѓу двете земји. Тој истакна дека во моментов трговската размена меѓу Унгарија и Македонија е околу 200 милиони евра. 

На денешната средба и премиерот Заев и амбасадорот Дукс го поздравија учеството на Македонија на економскиот самит организиран од Кина кој ќе се одржи во унгарскиот главен град Будимпешта, кон крајот на месецов, а на кој ќе присуствуваат премиерите на 16 европски земји.