Премиерот Заев оствари средба со Претседателот на Република Србија Александар Вучиќ: Македонија и Србија имаат заеднички интереси за кои се најавени повеќе иницијативи што ќе ја продлабочат соработката и пријателството

 

Премиерот Зоран Заев, во рамките на официјалната посета на владината делегација на Република Србија денеска се сретна и со претседателот на државата, Александар Вучиќ.

На средбата меѓу премиерот Заев и претседателот Вучиќ, на која присуствуваа и заменикот претседател на владата и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерот за информатичко општество и јавна администрација, Дамјан Манчевски, и државниот секретар во Министерството за надворешни работи, Виктор Димовски, беше истакнато традиционално доброто пријателство и соработка меѓу двете земји како исклучителен потенцијал за продлабочување на овие релации, пред кои претстојат извонредни можности за повеќе нови иницијативи во повеќе области, со меѓусебна почит во однос на сопствените стратешки интереси.

Двeте држави делат многу заеднички интереси како што се евроинтеграциите за кои е разговарано да продолжат заедничките проекти на овој план.

Од особен интерес е соработката и на безбедносните прашања, економската и социјална благосостојба на граѓаните на двете земји, како и регионалните иницијативи за кои и од Република Македонија и од Република Србија има особено голем интерес.

Отворени се многу проекти за соработка за време на оваа средба за кои ќе следуваат конкретни подготовки и динамика која ќе биде потврдена на најавената заедничка владина седница која ќе се одржи наскоро.

И на оваа средба се потврдени идеите за соработка на планот на дигитализацијата, старт-ап иницијативите и иновативните технологии, и за заеднички настапи на стопанствениците од двете страни на трети пазари.

Република Македонија и Република Србија ќе ги реафирмираат идеите за соработка на одбележувања на значајни настани, датуми и културно-историски места од интерес на двете земји, како и конкретна соработка на културен план на ниво културно-информативни центри во двата главни града.