Владите на Република Македонија и Бугарија ќе работат за поевтинување на роамингот

Владата одобри проект на меморандум за разбирање помеѓу Министерството за транспорт, информатичка технологија и комуникации на Република Бугарија и Министерството за информатичко општество и администрација на Република Македонија за намалување на меѓународните тарифи за роаминг за телекомуникациски услуги.

Документот ќе биде потпишан за време на седницата на Владите на двете држави во Струмица на 23 ноември оваа година. Со овој документ министерствата се договараат да ги поттикнат мобилните оператори да склучат меѓусебни спогодби кои ќе доведат до трајно намалување на цените на мало на роаминг услугите за крајните корисници. Во моментов, цените се едни од највисоките во Европа - меѓу 2,99 лева и 6,99 лева по минута и околу 25 лева по мегабајт.

Укинувањето на роамингот во земјите од Западен Балкан со Европската унија е еден од приоритетите на бугарската влада, како и на бугарскиот еврокомесар Марија Габриел. Ова е дел од мерките за подобрување на поврзаноста на сите нивоа во регионот, коишто директно ќе се одразат на контактите меѓу граѓаните и фирмите. Заедно со политичката поддршка за европска интеграција на Западен Балкан, Владата е решена да ги поддржи и големиот број на практични решенија кои би го потпомогнале развојот на регионот како заеднички пазар од 22 милиона луѓе.