Вице-премиерот Анѓушев: Планираниот буџет за 2018 година е реален и ќе овозможи забрзан економски раст

 

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев одржа прес конференција на која презентираше дел од предлог буџетот усвоен од Владата кој се однесува на спроведување на економските политики и економскиот развој на земјата.

Вицепремиерот Анѓушев истакна дека предлог буџетот е конципиран на реални основи и ќе овозможи раст на бруто домашниот производ од 3,2% во 2018 година, а дека буџетскиот дефицит ќе биде намален во однос на 2017 година и ќе изнесува 2,7%.

Тој потенцираше дека во буџетот е планирано високо ниво на капитални инвестиции од над 24 милијарди денари и дека Владата ќе работи напорно да над 80% од планираните капитални инвестиции бидат реализирани.

Вицепремиерот дополни дека станува збор за развоен буџет, во кој се вградени барањата на граѓаните, кои над 60% се изјаснуваат дека најнеопходни се буџетски средства во поддршка на економијата, односно за нови работни места, повисоки плати и подобар животен стандард.

 

 

„Наменивме над 1 милијарда денари за Програмата за поттикнување на вработувањето, што претставува 5% повеќе во однос на 2017 година, со кои ќе стимулираме нови подобро платени работни места. Ќе ги поддржиме компаниите да исплаќаат повисоки плати, со што ќе ја отвориме спиралата за покачување на просечната плата“, посочи Анѓушев.

За програмата за економски развој, според предлог буџетот за 2018 година се наменети 46% повеќе средства, кои ќе бидат наменски и правично распределени, а се крати од непродуктивни трошоци, како што е промоцијата на Македонија како бизнис дестинација.

„За 91% се кратат непродуктивни трошоци за рекламирање и промоција на Република Македонија, што е најголемо скратување на средставата во Програмата за економски развој. Од друга страна за поддршка на домашни гринфилд инвестиции се наменети над 900 милиони денари или 592% повеќе во однос на ребалансот во 2017 година, 585 милиони денари или 23% повеќе средства за привлекување на странски инвестиции, како и 385 милиони денари за поддршка на инвестициони вложувања. Домашните и странските инвеститори имаат исти услови за инвестирање, независно дали ќе се одлучат да инвестираат во Технолошко индустриските развојни зони или надвор од нив“, дополни вицепремиерот Анѓушев.

Со Буџетот за 2018 година планирани се и 119% повеќе средства за подобрување на инфраструктурата во ТИРЗ, 140% повеќе средства за деловното опкружување и олеснување на бизнис средината, 102 % повеќе средства за малите и средни претпријатија, како и 44% повеќе за Програмата за рамномерен регионален развој.

Буџетот за 2018 година е проектиран во висина од 211,7 милијарди денари, со реална приходна и расходна страна, а очекување на Владата е тој да обезбеди стабилност, развој и правична распределба на народните пари.

 

Целосната презентација можете да ја видите на следниов линк.