Премиерот Заев и министерот Спасовски остварија средба со Националното здружение на автошколи и возачи-инструктори „Обука-Л“

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев придружуван од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска оствари средба со Националното здружение на автошколи и возачи-инструктори „Обука-Л“.

Претставниците од здружението ги информираа премиерот и министерот со проблемите со кои се соочуваат во својата работа, посочувајќи дека суштински потребно е донесување на новото предлог-законско решение на Законот за безбедност во сообраќајот.

Премиерот Заев искажувајќи разбирање за проблемите со кои се соочуваат, и од кои зависи и опстанокот на автошколите, ги охрабри да ја продолжат интензивната комуникација со министерот Спасовски за попрецизна и подетална формулација на новото предлог-законско решение.

Министерот Спасовски на средбата информираше дека посочениот предлог-закон, со имплементирани бројни забелешки од јавната расправа, како и од претставниците на автошколите во работната група која го изготвувала законот, по добивањето на комисиското мислење, ќе влезе во собраниска процедура.