Премиерот Заев: Сметајте на вашата влада како достоинствен партнер и ваш сервис, честитки за компаниите кои се меѓу топ 100!

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска имаше обраќање на настанот Топ 100 компании во организација на Стопанската комора на Северо-западна Македонија во кое порача:

Ми претставува посебно задоволство и привилегија што сум поканет да ви се обратам на овој значаен настан за вас, за Стопанската комора на Северо-западна Македонија, и за деловниот свет во нашата држава.

Една од визиите на Стопанската комора на Северо-западна Македонија е да ги застапува интересите на бизнисите и да создава поволна средина за развој. Во исто време, целта на еден од проектите на комората е промоција на партнерството меѓу разните локални владини институции, образовните институции, младинските и граѓанските организации со приватниот сектор.

Целта е јасна – да се постигне општествена кохезија, да се олесни пристапот до нови работни места, да се развива бизнисот и да им се помогне на граѓаните од сите категории во потрагата по работа.

Секако, тоа не исклучува дека компаниите работат за профит. Но, ако отидете чекор понатаму во размислувањето, бргу ќе заклучите дека ако некоја компанија сака да прави профит, мора да се грижи и за општеството, за заедницата во која го остварува својот бизнис. Тоа е уште една од целите на Стопанската комора на Северо-западна Македонија.

Деловните претпријатија се дел од општеството, а долгорочните интереси на бизнисите најдобро се реализираат кога се внимава на корпоративната општествена одговорност. Имиџот и препознавањето на доброто менаџирање на една компанија, зависи од квалитетот на производите и услугите, и од степенот исполнувањата на очекувањата на сопствениците, вработените, потрошувачите, владата и заедницата во целост.

Спомнавме дека примарната одговорност на менаџментот е да обезбеди услови за да се реализира циклусот во кој инвестицијата ќе возврати со профит.

Тоа е еден од предусловите за создавање можности за пораст на платите како еден од двигателите на економскиот раст, што е врвни приоритет на економската политика на владата. За да го забрзаме и да го добиеме трендот на посакуваниот економски раст, во програмата за економски раст на Владата на Републиука Македонија се предвидени повеќе мерки за зголемување на конкурентноста на приватниот сектор.

Дел од тие мерки, како што знаете, беа креирани во непосредна консултација и со претставниците на Стопанската комора на северо-западна Македонија и со другите комори во нашата земја.

Дозволете ми да наведам само неколку од нив: Поддршка за новокреирани работни места со плата за 50% повисока од минималната плата; Поддршката за високоплатените кадри кои се стручни во професии од клучно значење за развојните перспективи на компаниите како што се професионалците од информатичката технологија; како и поддршка за формирање развојни центри во приватниот бизнис.

Иницијативноста и иновативноста на компаниите, со поттикот што доаѓа од стимулативните мерки на економската програма на владата, има за цел создавање фер и еднакви услови за сите за остварување на тој циклус. Како дополнителен влог на компаниите, останува одговорноста кон вработените во однос на платите и во однос на стимулирачко работно опкружување. Создавањето мотивирачки работни услови не треба да се перцепира како трошок, туку како инвестирање за поголема продуктивност и за нов раст на профитот на компаниите.

Во конкурентен пазарен амбиент, потрошувачите треба да бидат главна грижа на менаџментот. Стоките и услугите мора да бидат со соодветен стандард и квалитет, и да се испорачуваат соодветно на очекувањата на потрошувачите.

Како дел од нивната општествена одговорност, компаниите мора да сметаат на законско работење, на чесно плаќање на сите обврски кон државата, додека владините политики мора да се фокусираат и да произлегуваат од постојаниот отворен дијалог со бизнис заедницата за создавање услови за натамошен раст, и за поуспешно премостување на предизвиците со кои компаниите се соочуваат на терен.
Ова е особено важно ако се имаат предвид потенцијалите на првите 100 рангирани компании членки на Стопанската комора на Северо-западна Македонија, кои само во 2016 година, имале обрт од 661 милион евра, добивка од околу 43 милиони евра, и приближно 6000 вработени лица.

Тоа се бројки за почит и ја потврдуваат општествено одговорната улога на менаџментот на овие компании во однос на благосостојбата на заедницата и на граѓаните, во средините во кои егзистираат и работат, кои имаат влијание и во вкупното општествено живеење во Република Македонија.

На крајот, дозволете ми да упатам најискрени честитки за сите компании што го заслужија своето место меѓу Топ 100 компании во избор на Стопанската комора на Северо-западна Македонија.

Сигурен сум дека ова признание е дополнителен мотив за вложување во развојот на секоја од овие компании, и за благосотојба на нивните вработени и за заедницата во која делуваат.

Почитувани деловни луѓе сметајте на вашата влада како достоен партнер и сервис кој што постои да ви служи вам!