Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, ќе оствари средба со Претседателот на Европската Комисија Жан Клод Јункер

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, ќе оствари средба со Претседателот на Европската Комисија Жан Клод Јункер за време на дводневната работна посета на Брисел.

По средбата, која е прва со македонски премиер на актуелниот Претседател на Европската Комисија, предвидени се заеднички изјави на премиерот Зоран Заев и на Претседателот на ЕК Жан Клод Јункер.

За време на оваа посета на највисоките институции на ЕУ во Брисел, на 5 и 6 декември, Претседателот на Владата на РМ Заев, и делегацијата на Владата на Република Македонија во состав Бујар Османи, Заменик претседател на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, Никола Димитров, Министер за надворешни работи, Горан Сугаревски, Министер за транспорт и врски и Драги Рашковски, Генерален секретар на Владата на РМ, ќе имаат средби и со други, највисоки претставници на Европскиот Парламент и на Европската Комисија.

На 6 декември Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев ќе се сретне со Претседателот на Европскиот Парламент Антонио Тајани, веднаш после Молитвениот појадок во Европскиот Парламент, на кој е поканет и премиерот Заев.

Истиот ден, во текот на попладнето на 6 декември Претседателот на Владата Зоран Заев ќе има состанок со Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини.

Премиерот Заев ќе има средба и со Комесарот за соседска политика на ЕУ и за преговори за проширување, Јоханес Хан, со што завршува работниот дел од посетата на највисоките институции на ЕУ.

Во рамките на оваа дводневна посетата на Брисел, премиерот Заев ќе учествува на дебатата на тема „Македонија и регионот на Западен Балкан на патот кон членството во Европската Унија“ во организација на Центарот за европски политички студии (CEPS), како и на трибината „Македонија по шарената револуција: Нови можности за успешно пристапување во ЕУ“, во организација на Фондацијата Фридрих Еберт во Брисел.

Календар Влада: 
Вторник, Декември 5, 2017 - 11:00 to Среда, Декември 6, 2017 - 11:45