Сугарески: Буџетот за 2018 од граѓаните и за граѓаните, најмногу пари за капитални проекти

Прес конференција,
Горан Сугарески, министер за транспорт и врски во Влада на Република Македонија
04.12.2017 година


Република Македонија се наоѓа во фаза во која се неопходни инвестиции во инфраструктурата како услов за раст и развој на државата.

Вложувањето во капиталните проекти е повеќе од потребно за да имаме силна економија, здраво општество и транспарентни процеси кои се темелат на потребата од усогласување на различните потреби на граѓаните.

Во едни такви услови, успеавме да проектираме Буџет за 2018 година кој ги задоволува реалните можности за реализација на капиталните инвестиции од една и задоволување на потребите на голем број на граѓани од друга страна.

Буџетот на Министерството за транспорт и врски е развоен буџет во кој најголем дел од проектираните средства се расходи наменети за капитални проекти.

Тие се позиционирани на ниво на 5 милијарди и 105 милиони денари, што претставува зголемување од 1 милијарда и 522 милиони денари повеќе средства отколку Буџетот во 2017 година.

Буџетот на Министерството за транспорт и врски е проектиран да обезбеди високо ниво на реализација на капиталните инвестиции во делот на гасификацијата, железничката и комуналната инфраструктура.

Развојната компонента ни дава очекување за економски раст во 2018 година со акцент на зголемување на учеството на градежниот сектор во Бруто домашниот производ бидејќи капиталните проекти очекувано се зголемуваат и по број и по квалитет.

Во таа насока сакам да информирам дека обезбедени се повеќе пари за изградба на железницата и развој на железничкиот сектор.

Клучен капитален проект на кој ќе посветиме големо внимание е изградбата на магистралните гасоводи како важен сегмент за одржување на економската стабилност на домашното стопанство.

За поквалитетен живот на граѓаните обезбедивме повеќе средства за изградба на канализации и водоводи во општините.

За поголема социјална сигурност и покрив над глава на најранливите категории на граѓани, проектиравме повеќе средства за изградба на социјални станови.

Обезбедивме средства и за изградба на Жичарницата во Скопје, нови пешачки патеки како и средства за субвенции за авиопревозниците што ќе понудат нови дестинации за граѓаните.

Она што сакам да го истакнам е дека во Буџетот за 2018 година ги намаливме непродуктивните и нерационалните трошоци.

Нашата цел за наредната 2018-та година е што поголема реализација на капиталните инвестиции како важен сегмент за планираниот раст на економијата.

Во таа насока:

За изградба на нови пруги на Коридор 8 и 10 како и одржување на железничката инфраструктура и сообраќај, планирани се 1 милијарда и 357 милиони денари што е за 817 милиони денари повеќе отколку предвидените во Буџетот за 2017 година или зголемување од 151 %

За изградба на гасоводната мрежа предвидовме 2 милијарди и 234 милиони денари или 311 милиони денари повеќе отколку планираните за 2017 година, што претставува зголемување од 16 %

За следната година имаме зголемување на средствата од речиси 39% за изградба на водоводи и канализации во општините преку заемот од Европската инвестицона банка или планирани се 698 милиони денари што е за 195 милиони денари повеќе отколку со буџетот за 2017 година.

Исто така предвидени се 150 милиони денари за изградба на водоводни системи во општините Гостивар, Гевгелија, Радовиш и Кавадарци преку КФВ банката или за 129 милиони денари повеќе, зголемување од речиси 600 %.

За изградба на водовод во Сопиште со буџетот за 2017 година предвидени биле 12 милиони денари. Ние предвидовме 75 милиони денари за негова дозиградба или петократно зголемување.

Исто така за дозавршување на фекалната канализација со изградба на прочистителната станица за населеното место Сончев град предвидовме 70 милиони денари или зголемување од речиси 8 %

Заради обезбедување на станбеното прашање за најранливите категории граѓани, продолжуваме со изградба на социјални станови. За следната година предвидовме 38 милиони денари повеќе или вкупно 330 милиони денари што претставува зголемување за 13 %. Станови ќе се градат во Пехчево, Свети Николе, Виница, Пробиштип и во Скопје.

Следната година планираме да започнеме со постапка за изградба на Жичарница од Средно Водно до Институтот за белодробни заболувања Козле. За овој проект предвидовме 50 милиони денари. Со ова планираме да ја збогатиме туристичката понуда на градот.

Едно од барањата на стопанствениците беше и уредување на инфраструктурата во зоната Визбегово. За таа цел со Буџетот за 2018 година предвидовме 20 милиони денари за изградба на комуналната инфраструктура. Ова треба да обезбеди непречено функционирање на компаниите што работат во оваа зона.

И следната година продолжуваме со проектот за финансиска поддршка за нови дестинации во авиосообраќајот. Со Буџетот се предвидени 104 милиони денари.

Со оглед на тоа дека договорот со актуелната компанија која добива финансиска поддршка од Владата истекува 2018 година, планираме да распишеме нов јавен повик на кој ќе можат да се пријават сите заинтересирани нискобуџетни компании.

Од Буџетот на Министерството ќе се издвојат и 415 милиони денари за финансиска помош на МЖ Транспорт наменети за покривање на загубите во патничкиот сообраќај.

За наредната 2018 година со Буџетот се обезбедени 32 милиони денари за изградба на пешачки патеки. Дополнително ќе утврдиме кои локации ќе бидат уредени.

Обезбедивме и дополнителни 10 милиони денари или вкупно 20 милиони денари за проекти во рамки на Декадата на Ромите.

Бидејќи овој Буџет е правен од граѓаните и за граѓаните, ги намаливме сите нелогични и непродуктивни трошоци. Како резултат на тоа:

Ги намаливме трошоците во ставката стоки и услуги за 15 милиони денари или за 11 % во споредба со Буџетот за 2017 година. Конкретно, се намалуват расходите за патни и дневни трошоци, комунални услуги и што е најважно договорните услуги.

Ова се генерално средствата што планираме да ги инвестираме во реализација на капитални проекти што се од суштинско значење за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.

Уште еднаш ќе напоменам, Буџетот на Министерството за транспорт и врски има развојна компонента и најголем дел од расходите се наменети за изградба на капитални објекти.

Исто така сакам да потенцирам дека во соработка со Јавното претпријатие за државни патишта ќе продолжиме со изградба и реконструкција на патнатата мрежа во Република Македонија.

На почетокот на мандатот ветивме транспарентност и отчетност, ова е нашата отчетност каде и како ќе се трошат парите на граѓаните.

Продолжуваме со силно темпо, сè она што ветивме ќе се трудиме да го исполниме. Ќе ја направиме Република Македонија земја на просперитет, земја која ќе овозможи благосостојба на сите граѓани“– изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.