Премиерот Заев: Споделуваме знаења и работиме заедно за Македонија да го извлече најдоброто од својот потенцијал

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев заедно со министерот за финансии, Драган Тевдовски денеска учествуваа на трибината „Новите даночни измени и новиот буџет и како тоа ќе се одрази врз работењето на стопанството“ во организација на Асоцијацијата на менаџери на Македонија.

Премиерот Заев оцени дека ваквите дебати и трибини се одлична прилика за споделување на знаења и размислувања со деловната заедница, важни за краирање на подобри владини политики за остварување на подобри резултати, во интерес на граѓаните.

- Успешниот менаџментот го движи целиот свет. Јас сум убеден дека можеме во Македонија да оствариме големи резултати ако внимателно се слушаме едни со други, порача премиерот Заев.

Премиерот Заев рече дека е неопходна фискалната консолидација на земјата којашто се спроведува, во услови кога беа затекнати огромни долгови и урнисана финансиска состојба.

„Три компоненти се важни, финансиска стабилизација на буџетот, растот и правичноста во делот на распределбата или трошењето на ресурсите на државата имајќи во предвид дека сакаме да вбризгаме пари кај социјално најранливите категории, кај наслабите економски категории во државата за да направиме еден правичен систем на живот за сите“ рече премиерот Заев.

Во однос на дебатата којашто се отвори во јавноста за воведување на праведен даночен систем премиерот Заев истакна дека е важно да ги слушне размислувањата во процесот на креирање на политиките.

„Знаете дека е отворена дебата за персоналниот данок и сакам денеска да ги слушнам согледувањата. Тоа е многу важно за нашата земја. Јас сум левичар и верувам во правично оданочување односно побогатите да плаќаат повеќе, посиромашните помалку.“ истакна премиерот Заев.

Премиерот Заев ги истакна силните уверувања на Владата на Република Македонија дека ако бизнисот напредува и оди напред и Македонија ќе оди напред.

„Ако има раст и развој на приватните компании ќе раст и на БДП. Ако успееме да се избориме преку сите овие механизми да ги направиме поконкурентни производите на странските пазари, извозот ќе расте. Ако државата може да вбризга повеќе пари во стопанството ќе го направи поквалитетно, покомпетитивно и поодрживо на среден и долг рок. Убедени сме дека постоиме да бидеме сервис и да служиме надевајќи се дека ќе ја извлечеме целата мудрост да вградиме политики кои што на крајот од она што го има Македонија како потенцијал ќе го извлече најдоброто, во интерес на граѓаните“ порача премиерот Заев.