Премиерот Заев на работнaта средба со Могерини: Убедлив и видлив е напредокот на Република Македонија за само една година

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, денеска оствари средба со Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини.

На средбата со Могерини, на која присуствуваа и Бујар Османи, заменик претседател на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања и Никола Димитров, министер за надворешни работи, премиерот Заев истакна дека личната посветеност и ангажираност на високите претставници на највисоките институции на ЕУ, како и институционалната поддршка од телата на Европската Унија, се е од клучно значење за поддршка на тековните напори на Владата.

Тој додаде дека огромни напори биле инвестирани од страна на Владата и од ЕУ за да се врати Република Македонија на вистинскиот пат, и да се создадат позитивни случувања после долготрајната политичка криза.

„Сега е време да ги искористиме овие напори. Продолжуваме со силна посветеност и несомнена политичка волја, иако на внатрешен план имаме одредени политички околности“, нагласи премиерот Заев.

„Очекуваме дека ЕУ ќе покаже визија и ќе обезбеди одлука за отпочнување на преговорите за пристапување во првата половина од 2018 година“, потенцираше Претседателот на Владата на РМ на средбата со Могерини во Брисел.

Премиерот Заев додаде дека примарната посветеност на Владата на РМ, е да се изгради модерна европска земја што ги дели европските вредности, со функционална демократија базирана на владеењето на правото и врз заеднички споделени основни вредности.

„Имаме аргументи да докажеме дека Република Македонија е најдобрата "успешна приказна" во 2017 година и може многу да придонесе за добрососедските односи, регионалната соработка, стабилноста и безбедноста на регионот на Западен Балкан и во Европа“, нагласи Претседателот на Владата на РМ.

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев ги искажа очекувањата од Стратегијата за проширување на ЕУ, најавена од страна на Претседателот на Европската комисија Јункер, и истакна дека едно од тие очекувања е отворање на можноста за секоја земја да напредува колку што е можно побрзо во процесот на пристапување врз основа на сопствените заслуги.

„Република Македонија ќе се стреми да се израмни и да влезе во групата земји предводници на процесот. Треба да бидеме во пакетот. Тоа ќе нè стабилизира за подолг рок“, потенцираше премиерот Заев.

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев истакна дека Самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија, во мај 2018 година, за време на бугарското претседателство со ЕУ, ќе биде јасна можност за обновување на заедничките обврски на земјите од Западен Балкан и на ЕУ.

„Вложуваме напори за повторно воспоставување на Република Македонија како кредибилен партнер на своите меѓународни пријатели. Одлучно воспоставуваме блиски врски со што е можно повеќе земји-членки на ЕУ, како и со соседните, и со други земји. Групата пријатели и поддржувачи на Република Македонија, постојано се зголемува“, истакна премиерот Заев на средбата со Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини.

Тој нагласи дека фокусот е да се гради нов дух во нашите односи, да се отвори дијалог за решавање на нерешаните прашања, да се изградат мостови за соработка базирани на взаемна доверба и почит, како со соседите, така и со другите земји во регионот.

„Во врска со прашањето со Грција имаме една порака: Ние сме подготвени да го решиме ова прашање. Бараме помош и поддршка како да го најдеме соодветното и одржливо решение кое ќе има поддршка во двете земји“ истакна премиерот Заев.

Од своја страна, Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини истакна дека е видлив напредокот што го оствари Република Македонија за само една година, и дека тоа е добар знак и во однос на напредувањето на државата во евроинтеграциските процеси.

На средбта заеднички е констатирана неопходноста од соработка со опозицијата на важните стратешки прашања за земјата, и дека каналите за комуникација треба да бидат постојано отворени.

На средбата во Европската Комисија кај Могерини е нагласено дека претстојните месеци до првата половина на 2018 година се круцијални кога е во прашање процесот за отворање на преговорите за членство на Република Македонија во ЕУ. Посочено е и важноста, колку што е можно побргу, да се одржат средби на високо ниво меѓу Република Македонија и Република Грција.

Во завршницата на разговорите беше потенцирано дека новиот пакет за проширување треба да ги опфати сите земји на Западен Балкан, како знак за поддршка на стабилноста и напредокот на целиот регион.