Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев во официјална посета на Република Косово.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, утре (вторник, 12.12.2017 година) е во официјална посета на Република Косово.

Премиерот Заев предводи владина делегација на Република Македонија којашто ја сочинуваат: министерот за економија, Крешник Бектеши, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, како и министерот без ресор задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми.  

На стартот на утрешната агенда, во рамки на посетата, предвидени се неколку билатерални средби меѓу владините делегации на Македонија и на Косово. Првата тет–а-тет средба премиерот Заев ќе ја оствари со својот косовски колега, премиерот Рамуш Харадинај.

По средбата е предвидена заедничка прес-конференција. Премиерот Заев ја продолжува работната посета на Република Косово на средба со Претседателот на Собранието, Кадри Весели.  

Во рамки на еднодневната посета премиерот Заев ќе се сретне и со претставници на македонско–косовската бизнис заедница, како и со фирми од Македонија и од Косово. 

Посета на Република Косово Премиерот Заев ќе ја заокружи на средба со Косовскиот Претседател, Хашим Тачи.

Посетата на Косово на Владината делегација предводена од Премиерот Зоран Заев воедно е и прва официјална посета на премиер на Република Македонија на Република Косово. 

Календар Влада: 
Вторник, Декември 12, 2017 (Цел ден)