Премиерот Заев: Македонија е разбудена, да ги слушаме реакциите на јавноста

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, денеска, веднаш после настанот „Корупција – непосредна закана за човековите права“, одговараше на повеќе прашања од интерес на новинарите.

 

Ви ги пренесуваме во целост сите прашања на новинарите и одговорите на премиерот Заев.

 

1. Дали ве информираа членовите на ДИК за надоместоците што си ги поделија и како вие го коментирате овој начин на работа?

 

Премиерот Заев: Се работи за исклучителни професионалци кои што имаа сериозна улога во едно сериозно време и ја завршија професионално. Одлуката која што ја донесоа знам дека е законска, но веројатно не е морална, не е етичка. Поради тоа јас денес го поздравувам чинот кој што го направија сите, а тоа е да ги вратат назад парите во Буџетот. Истовремено, поднесоа и лична одговорност како морален чекор, веројатно поради критиките на јавноста, и поради тоа пред кое што беа исправени.

 

Се работи за професионалци за кои јас сигурно ќе водам грижа и понатаму. Тие испратија порака на морално и етичко однесување кога јавноста знае да реагира, веројатно поради нетранспарентноста на одлуката која што ја донесоа, и веројатно поради тоа што не ја информираа јавноста за намерата која што ја постигнаа преку искористувањето на тој член 19, кој што им овозможува дополнителни надоместоци.

 

2. Дали сметате дека треба да се промени законот, за да не се применува ваква пракса и понатаму?

 

Премиерот Заев: Секаде каде што законот остава можност за така нареченото дискреционо право, на поединец, на институција, тоа треба да биде на тапет на јавноста.

 

Мене ми е драго што Македонија е разбудена. Јавноста реагира и знае, за сите слабости на системот. Само така може да се избориме против сите слабости на нашето општество. Јас верувам истовремено дека постојат и механизми на наградување на луѓето кои што се заложуваат и даваат придонес во тоа што го работат.

 

Тие награди, методи на наградување и мотивирање, треба да постојат во општеството, како што треба да постојат и методите на санкционирање и казнување.

Апсолутно верувам дека треба институциите кои што ги формираат, кои што ги бираат, да одлучуваат за наградувањето. Не само за случајот со ДИК, туку и за сите други институции.

Јас верувам дека судиите треба да бидат доволно платени и мотивирачки, и соодветно наградени од институцијата која што ги бира.

 

Или инспекторите кои што ги вршат контроли на сите слабости во општеството. Треба да бидат доволно мотивирани и стимулирани, а сите оние, кои што се однесуваат лошо кон задачите, да бидат соодветно санкционирани. Само на тој начин ќе имаме корективи во општеството.

 

3. Го споменавте случајот „Поткуп“. Зошто не сакате со помош на содржината на снимката да докажете дека не сте земале пари?

 

Премиерот Заев: Апсолутно сакам целата снимка да се објави. Тоа е мојата главна теза од самиот почеток, за да  може на транспарентен начин јавноста да согледа што е во суштина самиот случај.

 

Јас ќе ја докажам мојата невиност на суд, затоа што не постои поткуп, не постои барање на пари, но сакам да одам и понатаму. Образот  поважен од правичноста на постапката.

 

Јас сум политичар кој што има намера да се занимава и понатаму со политика. Важен е мојот образ. Верувам дека судот во соодветна постапка ќе одлучи да ја објави целата снимка на увид на јавноста за конечно граѓаните видат кои се деталите од самиот разговор.

 

4. Зошто до сега немаме министер за здравство? Рековте дека наскоро ќе има.

 

Премиерот Заев: Правиме напори со коалиционите партнери. Министерството за здравство функционира со заменикот кој што по закон го заменува самиот министер и државниот секретар.

Најверојатно се работи за рефлексија од локалните избори која што помеѓу коалициони партнери, предизвика одредена непријатност, и тоа е суштината зошто изгубивме дваесетина дена, од официјалното завршувањето на изборите од кога почнавме да разговараме за министер за здравство.

 

Реков дека денови се во прашање. Навистина денови се во прашање да донесеме одлука и за министер за здравство и за пополнување на министерот без ресор задолжен за странски инвестиции, и за местото заменик министер за образование.

 

5. Од коалицијата О2 најавија тужби за Република Македонија доколку не се зголеми буџетот за животна средина. Има ли можност за такво нешто?

 

Премиерот Заев: Ние стоиме  на располагање за да ги зголемиме финансиски средства за сè што постои можност. Но, мора да постојат проекти, мора да постојат конкретни чекори за реализација на конкретните планирани буџетски средства. Јас сум подготвен да правам и ребаланс на буџет, во секој момент, за прашања важни за граѓаните, а екологијата и здравата животна средина се многу важни за граѓаните.

 

6. Дали партијата на Весел Мемети ќе остане во влада?

 

Премиерот Заев: Да, апсолутно. Јас верувам дека се шпекулации информациите во делот на тоа што се зборува за пратеникот Весел Мемеди. Ние имаме одлична соработка и убеден сум дека соработката ќе продолжи.