Премиерот Заев по повод пуштање на пречистителна станица за отпадни води во Струмица: Со поддршката на граѓаните на ЕУ ги исполнуваме европските стандарди за заштита на животната средина како наш врвен приоритет

 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, заедно со министерот за финансии Драган Тевдовски, министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураки и заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, денеска присуствуваа на пуштањето во употреба на пречистителната станица за третман на отпадни води во Струмица.

Премиерот Заев во своето обраќање истакна дека со пречистителна станица, Струмица станува општина со услови за поздрава и почиста животна средина.

Во продолжение на своето обраќање Претседателот на Владата на РМ, го нагласи и фактот дека струмичкиот регион, како најголем регион за производство на раноградинарски производи, со оваа еколошка инсталација дефинитивно се впишува на мапата на квалитетно и здраво еколошко производство на земјоделските производи.

Премиерот Заев укажа на неколку важни аспекти за овој проект кој ќе се реализира со помош на средства од европските фондови во рамки на Оперативната програма за регионален развој, дека е завршен во рекордно време, односно за само една година од почеток на неговата реализација, како и дека го карактеризира на модерна технологија што се применува во сите земји на ЕУ.

Премиерот Заев истакна дека Општина Струмица од секогаш била лидер во спроведувањето на модерни и нови технологии и решенија, и дека тој тренд продолжува и со овој проект.

Во продолжение на своето обраќање на свеченоста по повод пуштањето во употреба на пречистителната станица за третман на отпадни води во Струмица, премиерот Заев истакна:

Владата на Република Македонија има јасна определба да соработува со општините во изградба и реализација на вакви капитални проекти. Тие се од огромна важност за подобрување на квалитетот на животната средина на нашите граѓани.

Со големо задоволство можам да ве информирам дека во завршна фаза се уште две пречистителни станици предвидени во Оперативната програма за регионален развој: Едната во Кичево, другата во Радовиш. Се очекува да бидат пуштени во функција најдоцна во првата половина од 2018 година.

Во тек е изградба на пречистителна станица за отпадни води во општина Прилеп, проект финансиран од ИПА којшто се очекува да заврши во Мај 2018 година. Владата на Република Македонија заедно со Министерството за животна средина и просторно планирање во рамки на програмскиот период 2014-2020 (ИПА2) планира да реализира проекти за пречистителни станици во Битола и Тетово.

Истовремено се работи на подготовка на проектна и тендерска документација на проекти за пречистителни станици и во градовите Штип и Велес.

Наша цел е изградба на пречистителни станици за третман на отпадните води во сите населени места со над 10.000 жители. Заедно работиме во таа насока.

Помошта што пристигнува од ЕУ за нас е многу важна и во таа насока ќе продолжиме да ја интензивираме соработката со нашите партнери од Европската Унија.

Македонија цели да ги исполни европските стандарди за заштита на животната средина како врвен приоритет и придобивка за здравјето и квалитетот на живот на граѓаните.

Пречистителната станица за отпадни води е еден чекор кон исполнување на таа цел, а имајќи ја во предвид комплексноста на оваа област, важно е да ја зголемуваме соработката.
Македонија во овој процес учи и применува искуства од земјите од ЕУ, бидејќи ние се стремиме да станеме дел од тоа европско семејство.

Токму затоа партнерството и поддршката што ни ги дава Европската Унија за вакви проекти е од огромно значење за граѓаните на Република Македонија.

Ние како Влада го почитуваме тоа, помошта од ЕУ е драгоцена и исклучително неопходна во иднина. Исто така, сакам да нагласам дека цврсто сме определени и со сопствени ресурси да реализираме проекти кои значат долгорочен развој и заштита на животната средина.

Сакам да се заблагодарам на WTE, дел од EVN групацијата којашто навистина покажа сериозна решителност за исклучително брз период да ја реализира оваа пречистителна станица што претставува нешто коешто е за почит имајќи во предвид дека некои пречистителни станици се реализираат повеќе од три, четири години во државата и регионот.

Сакам да изразам благодарност од граѓаните на Струмица и струмичкиот регион и од граѓаните на Република Македонија, до граѓаните на земјите членки на ЕУ коишто одделија буквално од својот џеб преку европските фондови и овозможија Струмица да го има денеска ова капитално здание, истакна во своето обраќање премиерот Заев на свеченоста по повод пуштањето во употреба на пречистителната станица за третман на отпадни води во Струмица

Министрите за финансии и животна средина, Тевдовски и Дураки во своите обраќања ја потенцираа важноста на помошта и поддршката што Европската Унија и ги пружа на Македонија во реализацијата на проекти важни за достигнување на европските стандарди за унапредување на квалитетот на животната средина.