Прва работилница за градење капацитети и подигнување на свеста за искористување на можностите за соработка со зелениот климатски фонд

Повеќе од 100 експерти, практичари и носители на одлуки од земјата и регионот, кои работат во областа на климатските промени, животната средина и одржливиот развој, се среќаваат денеска и утре во Хотелот Александар Палас во Скопје, за да се запознаат со националните и регионалните можности за соработка со Зелениот климатски фонд (ЗКФ).

Дводневната работилница за градење на национални капацитети и подигнување на свеста за искористување на средства од Зелен климатски фонд ја организира Кабинетот на вицепремиерот задолжен за економски прашања како Национален овластен орган за Зелен климатски фонд, со техничка поддршка од Организацијата за храна и земјоделство на Обединети Нации (ФАО) и Програмата на Обединетите Нации за животна средина (УНЕП).

Работилницата е дел од иницијативата на ФАО за поддршка на националната подготвеност за искористување на можностите од ЗКФ, преку градење на капацитетите и подготвеноста на државните институции за искористување на средства од Фондот за ниско-емисион одржлив развој и отпорност кон климатските промени.

Вицепремиерот за економски прашања д-р Кочо Анѓушев во своето воведно обраќање истакна дека Зелениот климатски фонд е на пат да стане главна меѓународна финансиска институција за обезбедување на финансиски средства за поддршка на активности за ублажување и адаптација од климатските промени во земјите во развој и дека Република Македонија треба да ги искористи можностите кои се нудат преку Фондот.

Тој потенцираше дека здравјето и квалитетот на животот на граѓаните се врвни приоритети на Владата на Република Македонија и токму затоа, во својата програма за работа особено внимание посветува на развојот на животната средина, како и заштита на опкружувањето во кое живееме.

„Развојот на зелена и одржлива економија е од особено значење и токму поради тоа низа на реформски мерки, програми и стратегии ќе бидат насочени кон изградба на енергетски ефикасни објекти и обнова и изградба на транспортна инфраструктура. Ќе работиме на изградба на нови одржливи енергетски капацитети, соодветна употреба на водата за пиење и унапредување на менаџментот на водните ресурси во државата, заштита на шумските богатства и националните паркови, како и на природните богатства. Во фокусот ќе биде и унапредување на третманот на отпад и отпадни води, како и подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух“, подвлече вицепремиерот Анѓушев.

Министерот за земјоделство, водостопанство и шумарство Љупчо Николовски даде осврт на влијанието на климатските промени врз земјоделието како и за можностите кои ги нуди Зелениот климатски фонд за ублажување и адаптација кон климатските промени.

„Земјоделството е многу чувствително од аспект на климатските услови и проектираните климатски промени, вклучувајќи ги зголемените температури, намалената количина на врнежи и зголемувањето на бројот на екстремни временски непогоди, кои претставуваат сериозен ризик за земјоделско производство. Се очекува климатските промени да ги намалат приносите на повеќето култури. Зелениот Климатски Фонд, со 6,9 милијарди американски долари, достапни за ублажување и адаптација кон климатските промени, нуди огромни можности за справување со овој сериозен предизвик, а една од главните можности е инвестирање во отпорно на климатските промени земјоделство“, потенцираше министерот Николовски.

За решавање на глобалните предизвици од климатските промени, потребно е колективно дејствување од сите земји, а истовремено потребни се решенија кои ќе се координираат на меѓународно ниво. Развиенитеземји ја увидоа потребата од меѓународна соработка за помош на земјите во развој во нивните напори за градење на ниско јаглеродна економија, отпорна на климатските промени. Меѓу овие напори, напредните економии одлучија заеднички да мобилизираат значителни финансиски ресурси и да го основаат т.н. Зелен климатски фонд (ЗКФ) со цел да придонесат за обединет глобален одговор на климатските промени.

Постојаната координаторка на Обединетите нации и Програмата за Развој на Обединетите нации во Република Македонија, г-ѓа Луиза Винтон посочи дека температурите во последните пет години на глобално ниво се просечно највисоки во историјата, а дека во шеснаесет од последните седумнаесет години, забележени се екстремно високи температури. Според Винтон високите температури не се единствениот симптом на предизвикот со кој се соочуваме. Глобалното затоплување сега ги ослободува екстремните временски настани во секој регион на планетата со застрашувачка фреквенција.

„Итно е потребен акционен план за соодветно справување со климатските промени со кои се соочуваме. На Зелениот климатски фондму е доделена клучна улога во стимулирањето на "промена на парадигмата на еластичен развој со ниски емисии и климатски еластичност" преку финансирање на проекти кои промовираат ублажување (преку намалување на емисиите на CO2) и адаптација (со подготовка на земји за влијанието на климата промена). ЗКФ ќе биде инструмент за потписниците на Парискиот договор за исполнување на ветувањето за обезбедување на 100 милијарди долари за финансирање на проекти во врска со климатските промени годишно до 2020 година“, потенцираше Винтон.

„За Организацијата на храна и земјоделство на Обединетите Нации од голема важност е да ги поддржиме нашите земји-членки во зголемување на нивниот ангажман со Зелениот климатски фонд, за да се осигура дека приоритетните проблеми поврзани со климатските промени се решаваат. Денешната работилница е прв чекор во овој процес" - истакна во своето обраќање Александар Ментов, националниот програмски менаџер во ФАО Македонија.

Зелениот климатски фонд е формиран во 2010 година, од 194 влади на 16-тата Конференција на членките на Рамковната конвенција за климатски промени на Обединетите нации, како дел од финансискиот механизам на Конвенцијата. Фондот ги поддржува напорите на земјите во развој да ги намалат емисиите на стакленички гасови и да се прилагодат на негативните влијанија од климатските промени.

Кабинетот на ЗПВРМ за економски прашања ќе го имплементира Проектот за зајакнување на капацитетите на институциите за соработка со Зелениот климатски фонд, за што на располагање се доделени 300 илјади УСД, кои се на располагање на државите на годишно ниво.