Јавен повик за формирање на Совет за соработка со и развој на граѓанскиот сектор

Врз основа на член 6 став (1) од Одлуката за формирање на Совет за соработка со и развој на граѓанскиот сектор („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/16 и 164/17), Генералниот секретаријат на Владата на Република Македонија објавува:

ЈАВЕН ПОВИК
за избор на 16 членови на Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор
од редот на здруженијата и фондациите

Советот за соработка со и развој на и граѓанскиот сектор (во натамошниот текст: Советот) е формиран со Одлука на Владата на Република Македонија, како советодавно тело на Владата за унапредување на соработката, дијалогот и поттикнување на развојот на граѓанскиот сектор во Република Македонија, надлежнo да:

  • ја следи и анализира јавната политика која се однесува и/или влијае на граѓанскиот сектор;
  • иницира донесување на нови или изменување и дополнување на постојните прописи за унапредување на правната и институционалната рамка за делување на организациите;
  • дава мислење по предлози на закони, стратегии, програми и други правни акти кои се однесуваат или влијаат на развојот и на делувањето на граѓанскиот сектор;
  • го поттикнува унапредувањето на соработката и градењето на партнерски односи на Владата и органите на државната управа со граѓанскиот сектор;
  • учествува во подготовката и го следи спроведувањето на Стратегијата за соработка на Владата со граѓанскиот сектор и Акцискиот план за спроведувањето на Стратегијата;
  • дава мислење на годишно ниво за реализација на Стратегијата за соработка на Владата со граѓанскиот сектор;
  • ја следи и анализира вклученоста на организациите во процесот на креирање на јавната политика преку доставените извештаи за спроведени консултации од страна на органите на државната управа и дава препораки за нејзино унапредување;
  • дава предлози при планирањето на областите и специфичните приоритети за финансирање на активности на организациите од Буџетот на Република Македонија;
  • ги разгледува годишните извештаи на Владата и органите на државната управа за финансираните програми и проекти на организациите и дава препораки;
  • разгледува предлози на организации и зазема ставови по прашањата од негова надлежност.

Советот има 31 член кои ги назначува Владата за период од три години. 15 членови на Советот се од редот на вработените во органите на државната управа и 16 членови од организации регистрирани согласно Законот за здруженија и фондации.

Oрганизациите регистрирани согласно Законот за здруженија и фондации, можат да предложат кандидат за член на Советот во една од следните области:

  • развој на граѓанскиот сектор;
  • демократија и владеење на правото;
  • промоција и заштита на човековите права и антидискриминација;
  • економски и одржлив развој;
  • наука, образование и доживотно учење;
  • млади;
  • социјална заштита и заштита на деца;
  • заштита на маргинализираните лица;
  • родова еднаквост;
  • заштита на здравјето;
  • земјоделство и рурален развој;
  • култура;
  • медиуми и информатичко општество;
  • заштита на животната средина;
  • спорт и
  • ЕУ интеграции и политики.

За наведените области се назначува само по еден член.
Од една организација во Советот може да биде назначен само еден претставник.
Организациите можат да предложат само еден кандидат за член на Советот.

Организациите може да предложат кандидат за член на Советот ако:

1. се регистрирани согласно одредбите на Законот за здруженија и фондации најмалку три години пред објавувањето на јавниот повик;
2. во статутот имаат утврдено дејности и цели во областа на дејствување за која предлагаат кандидат;
3. работењето и дејствувањето е насочено кон пошироката јавност и кон интересите на заедницата;
4. располагаат со организациски, технички и човечки капацитети за координација и застапување на организациите кои се пријавуваат да ги претставуваат и
5. во последните три години, во областа на дејствување за која предлагаат кандидат, членувале во мрежи или платформи или учествувале во активности за мониторинг, застапување или лобирање за унапредување на граѓанскиот сектор или учестувале во работни групи за изработка на закони/стратегии или реализирале еден или повеќе проекти во соработка со други организации или со органи на државната управа или организирале координативни активности за организациите.

Кандидатите за членови на Советот предложени од организациите треба да ги исполнуваат следните услови:

1. да поседуваат најмалку три години работно или волонтерско искуство во граѓанскиот сектор во областа за која се предлагаат како кандидати;
2. да имаат експертиза по прашања од граѓанскиот сектор во областа на дејствување за која се предлагаат како кандидати (број на спроведени проекти, објавени публикации, учество во работни групи иницирање и учество во процеси за застапување и сл.);
3. да не се членови на органи на политички партии;
4. да не се избрани или именувани лица и
5. да не се вработени во орган на државната управа.

Пријавувањето на кандидат организациите го вршат на образец што може да се преземе од веб-страницата www.nvosorabotka.gov.mk.

Кон пријавата организациите треба да приложат:

1. копија од тековна состојба од уписот во регистарот на други правни лица за регистрација на организацијата;
2. копија од статутот;
3. копија од завршната сметка (биланс на состојба и биланс на успех) за претходната година или изјава доставена до Централниот регистар дека во претходната година имале приход помал од 2.500 евра во денарска проттивредност според курсот на Народна банка на Република Македонија;
4. извештај за работата со цели, активности, резултати и извори на финансирање во последните три години;
5. биографија на кандидатот со референтна листа на активности од областа на граѓанскиот сектор;
6. мотивациско писмо од кандидатот со листа на приоритетни прашања за развој на граѓанскиот сектор и план за координација и комуникација со граѓанските организации во областа за која се предлага.

Рокот за поднесување на пријавите е најдоцна до 10.1.2018 година.
Пријавите доставени по истекот на рокот нема да се разгледуваат!

Пријавата со целокупната документација треба да се достави преку пошта, на адреса:

Влада на Република Македонија
Генерален секретаријат
Одделение за соработка со невладини организации
бул. „Илинден“ бр.2, 1000 Скопје
со назнака: „Пријава за избор на член на Советот“.
или да се достави лично во архивата на Одделението за соработка со невладини организации на Генералниот секретаријат, од 8:30 до 15:30 часот.

Генералниот секретаријат - Одделение за соработка со невладини организации, во рок од 8 дена од завршувањето на јавниот повик, на својата веб-страница www.nvosorabotka.gov.mk ќе објави извештај за пријавените организации со кандидатите кои ги исполнуваат условите од јавниот повик, заедно со доставената биографија и мотивациско писмо на кандидатот, со повик до организациите во рок од 15 дена да го дадат својот глас само за еден кандидат во областа во која дејствува организацијата.

Во рок од 8 дена по завршувањето на гласањето, Генералниот секретаријат – Одделение за соработка со невладини организации ќе објави листа на кандидати според бројот на добиени гласови за секоја од областите на дејствување.

Пријавата за предлагање кандидат за член на Советот е достапна на веб-страницата www.nvosorabotka.gov.mk.
Прашања за појаснување може да се поставуваат по електронски пат на адреса: nvosorabotka@gs.gov.mk.