Средба на премиерот Заев со вицепремиерот на Република Турција, Чавушоглу: Поддршка за интеграциите на Република Македонија во НАТО и ЕУ и унапредување на економската и трговската соработка

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од министерот без ресор задолжен за странски инвестиции, Андан Ќахил и пратеникот Енес Ибрахим, денеска се сретна со заменик претседателот на Владата на Република Турција, Хакан Чавушоглу, придружуван од турската амбасадорка во Македонија, Тулин Еркал Кара и пратеници од Парламентот во Турција.

На средбата, од двете страни е потврдена определбата за унапредување на традиционално добрите пријателски односи помеѓу Република Македонија и Република Турција, посебно во областа на економијата и трговијата.

Турскиот вицепремиер Чавушоглу оцени дека по изборот на новата Влада, Република Македонија влегува во стабилност, како и дека Македонија заслужува да биде земја членка на НАТО поради што ќе продолжи поддршката од Република Турција на НАТО аспирациите на Македонија. Исто така е изразена надеж дека земјата ќе добие во скоро време датум за преговори со ЕУ. А, поздравени се и мултиетничките политики на новата Влада на почитување на сите заедници кои живеат во Република Македонија.

- Република Македонија високо го почитува пријателството со Република Турција кое што се рефлектира со голем број на турски инвестиции во земјата, со соработка во одбраната, со МВР, во областа на образованието, културата и новата Влада таа соработка ќе ја унапреди во интерес на граѓаните на двете држави, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев, се заблагодари за поддршката од Турција за евро-атлантските интеграции на Македонија.

- Ја развиваме Македонија низ потребните реформи во општество за сите граѓани кои живеат во државата. Градиме пријателство со соседите. И, се надеваме дека овие политики ќе отворат пат на евро-атлантските стратешки цели на Република Македонија во 2018 година, додаде премиерот Заев.

На состанокот се разговараше посебно за економската соработка и покачување на трговската размена. Исто така изразена е заедничка определба за политики во интерес на стабилноста и безбедноста на двете држави, но и на регионот и на светот, преку застанување на страната на мирот, против тероризмот и радикализмот.

Заменик претседател на Владата на Република Турција, Хакан Чавушоглу, на крајот изрази благодарност до претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев за неговото лично учество во одбележувањето на денешниот национален ден на граѓаните Турци, Денот на настава на турски јазик што се одбележува во Република Македонија.