Премиерот Заев на средба со Сојузот на дефектолози: Координативно тело во рамки на Владата, ќе биде задолжено за имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост

 

Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со претставници на Сојузот на дефектолози. На средбата, покрај него, присуствуваа и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, како и Драги Рашковски, Генерален секретар на Владата на Република Македонија.

На средбата беше договорено, во рамки на Владата на Република Македонија, да се формира координативно тело, составено од национален координатор и двајца заменици. Ова тело ќе биде задолжено за имплементација на одредбите од Конвенцијата на Обединетите Нации за правата на лицата со попреченост, која Република Македонија ја ратификувала во 2011-тата година. 

Премиерот Заев, истакнувајќи дека еден од врвните приоритети на оваа Влада е подобрување на условите за живот на лицата со попреченост, посочи дека координативното тело мора да има улога на генератор на сите позитивни промени во општеството.

„Со тоа ќе биде и  пример како треба да делуваат институциите кои работат на оваа проблематика“, потенцираше премиерот Заев.

Во исто време, како резултат на средбата, ќе биде формирано и надворешно, мониторинг тело. Тоа на предлог на министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, ќе го предводи Народниот Правобранител на Република Македонија. Истото ќе ја мониторира и критикува работата на координативното тело во рамки на Владата на РМ.

„Сите проблеми се решливи, само неопходна е волја од надлежните институции“, потенцираше министерката Царовска.

Со формирање на координативното тело, како што истакнаа од Сојузот на дефектолзи, Владата на Република Македонија покажува дека дефектолозите ќе бидат рамноправен партнер на државните институции.