Владата го презентираше усвоениот План за економски раст кој ќе ја раздвижи економската инвестициска активност

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев и вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев одржаа прес-конференција на која беа презентирани мерките од Планот за економски раст, усвоени на една од последите Владини седници.

Премиерот Заев истакна дека по 3 месечна конструктивна дебата, во која учествуваа сите чинители во економските политики, конструирани се мерки кои ќе овозможат финансиска стабилизација и ќе ја раздвижат економската инвестициска активност во Република Македонија.

 

Тој дополни дека Владата наменила 46% повеќе средства во буџетот за 2018 година за Програмата за економски развој во однос на 2017 година и потенцираше дека со имплементација на мерките од Планот, проектираниот раст од 3,2 % за 2018 година е реален и остварлив.

„Со Планот за економски раст се нудат исти, транспарентни услови за домашните и странските инвеститори. Ќе работиме на подигнување на соработката помеѓу домашните и странските инвеститори и тоа на два начини, преку поттикнување на странските инвеститори да соработуваат со домашните и поддршка на домашните да бидат квалитетни добавувачи за странските. Малите и средните претпријатија ќе бидат во фокусот на поддршката. Со мерките ќе даваме поддршка за исплата на повисоки плати за вработените и ќеподдржуваме отворање на нови работни места со што ќе влијаеме на намалување на невработеноста. За прв пат во Македонија се дава поддршка за отворање на центри за технолошки развој и иновации, со што сакаме да го поттикнеме технолошкиот развој на компаниите. Успехот на економијата ќе се темели на токму на воведување на нови технологии и иновации. Сите овие мерки ќе придонесат за пораст на конкурентноста на македонските компании во регионот, во Европа и во светот“, потенцираше премиерот Заев.

Тој подвлече дека Владата ќе се посвети на реализација и на капиталните инветиции и на подобрување на опкружувањето за водење на бизнис.

Вицепремиерот Анѓушев истакна дека е многу задоволен што мерките се продукт на еден инклузивен процесво кој што освен Владата, учествуваше и експертската и меѓународна јавност, како и стопанството.

 

„Планот за економски раст се состои од мерки поделени во три столба: мерки за општ економски развој, мерки за поддршка на конкурентноста и мерки за поддршка на мали и средни претпријатија. Главни предуслови за сите мерки кои компаниите треба да ги исполнат е да прикажат пораст на приходите во последната година во однос на просекот во последните три години и ненамалување на просечниот број на вработени во истиот период“, започна со излагањето вицепремиерот.

Со мерките од првиот столб се овозможува поддршка за креирање на нови работни места, воспоставување и унапредување на соработката со добавувачи, воспоставување на центри за технолошки развој и истражување, нови инвестициски проекти, капитални инвестиции и приходи, како и за откуп на средства од претпријатија во потешкотии.

„За секое новокреирано работно место за кое компаниите ќе исплаќаат нето плата за 50% повисока од минималната плата утврдена со Закон, Владата ќе обезбеди поддршка од 20% од висината на платата. Ќе ја стимулираме соработката со добавувачи од Република Македонија и доколку компанија набавува 15% производствени инпути од макеоднски компании, ќе добие финансиска поддршка во висина од 1% од вкупните набавки. Ќе се стимулира технолошкиот развој со поддршка до 50% од инвестиции за индустриско истражување. За компании кои реализираат почетни или дополнителни инвестиции ќе се овозможи поддршка од 10% од висината на инвестицијата, а 10% поддршка ќе се обезебдат и доколку се реализира инвестиција со која ќе се заврши откуп на средства на претпријатие во стечај или ликвидација “, појасни Анѓушев.

Со вториот столб се поддржува конкурентноста на компаниите за освојување на нови пазари додека со мерките од третиот столб се поддржуваат микро, малите и средни пртпријатија.

„За инвестиции со кои се зголемува конкурентноста на компаниите на нови пазари ќе се овозможи поддршка во висина од 10% за направената инвестиција со која е направена пазарна реализација која е за 5% повиска во однос на просекот во последните 3 години, а доколку конкурентноста се зголемува на пазарите на земјите од Западен Балкан, поддршката се зголемува за дополнителни 10% Петте мерки од третиот столб се исклучиво наменети за малите и средни претпријатија и ќе се реализираат преку два јавни повици во фискалната година, со прецизни критериуми и до исцрпување на средствата наменети за таа фискална година “, дополни вицепремиерот.

Вицепремиерот Анѓушев истакна дека со новите мерки се дава уште посилна поддршка за странските инвеститори, а пред присутните презентираше симулација односно споредба колкава поддршка добиваат старнските компании кои веќе имаат склучено договори за државна помош, а колкава поддршка би добиле доколку би ги користеле мерките од Планот за економски раст. Според симулацијата осуманесет од дваесет и една компанија кои веќе имаат договори, би добиле повисока поддршка, а ефектите за економијата би биле значително повисоки.

 


 

Премиерот Заев за Планот за економски раст: Потенцијални инвеститори, реализирајте го вашиот бизнис план, владата е ваш партнер кој ќе ве следи и помага!

 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев и заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев денеска одржаа прес конференција на којашто го презентираа финализираниот План за економски раст. Премиерот Заев во своето обраќање истакна:

Ми претставува вистинско задоволство што имам можност да ве информирам дека Планот за економски раст, составен од низа на мерки за поддршка на економијата, е усогласен и финализиран.


Овој нов економски концепт беше на увид на јавноста и достапен за коментари, забелешки и предлози повеќе од три месеци. Дебатата беше многу корисна, по што можам да констатирам дека имаме финален документ, сериозен план за раст во кој се интегрирани прифатените забелешки и предлози на експертите и на пошироката јавност.

Врз основа на овој документ, Владата ќе изработи и предложи законско решение, кое ќе го уреди начинот на реализација на овој План на системски начин. Очекуваме тоа да биде завршено до крајот на месец февруари. Така, по поднесувањето на завршните сметки, од месец март - април компаниите ќе можат да аплицираат за мерките и придобивките од Планот.

Спроведувањето на Планот за економски раст ќе овозможи одржлив развој на економијата.

Како што најавивме, од 2018 година започнуваме процес за финансиска стабилизација и развој на економијата, како важни предуслови за подобрување на квалитетот на живот за сите граѓани. За таа цел, со Буџетот за 2018 година определивме 3.1 милијарда денари, односно околу 50 милиони евра, за програмата за економски развој на нашата земја. Тоа претставува 46% повеќе средствата за таа намена во однос на 2017 година. Дополнително, уште една милијарда денари се определени за активните мерки за вработување.

Со мерките за поддршка и развој на бизнисот и поттикнување на конкурентноста утврдени во Планот за економски раст планираме да ја раздвижиме економската инвестициона активност. Создаваме здрава економска основа за развој на фирмите, за да бидат конкуренти и на домашниот и на странски пазари. Како резултат на тоа, уверени сме дека проекциите за предвидениот раст на бруто домашниот производ од 3.2% за 2018 година се реални и остварливи.


Мерките во Планот за економски раст се систематизирани во три столба. Гледани во целина, со нив се воведуваат повеќе значајни новини за поддршка на компаниите, што треба да доведат до остварување на зацртаните цели.


Прво, воспоставуваме еднакви услови за инвестирање за домашните и странските инвеститори, кои ќе важат еднакво и во ТИР зоните и надвор од нив. Новите инвестиции, без разлика на земјата на потекло на инвеститорите, се база на Планот за економски раст. Сите компании формирани во Република Македонија се македонски компании, затоа кон нив имаме потполно еднаков пристап.


Второ, условите и критериумите за поддршка се транспарентни. Со тоа, целосно се отстранети можностите за дискриминаторско, тајно или нефер одлучување. Секој инвеститор, со исполнување на основни и други соодветни критериуми, самостојно ќе избира пакет на мерки којшто најмногу одговара за неговата инвестиција, со цел најефикасно да ги искористи поволностите и поддршката што му следува.


Трето, даваме поддршка за зголемување на соработката меѓу домашните и странските компании. Ја поттикнуваме соработката меѓу домашните и странските компании преку два паралелни процеси: преку финансиска поддршка на странските инвеститори за користење полупроизводи и услуги од македонски фирми, а од друга страна, ќе ги јакнеме и капацитетите на домашните компании, за да се развиваат, да ги зголемуваат своите капацитети и да ги достигнат потребните стандарди за да станат кооперанти на странските компании во државата.


Четврто, многу важен фокус на поддршката ставаме на микро, малите и средните претпријатија. Тие се двигатели на економијата и ќе го искористиме потенцијалот што тие го поседуваат.


Петто, даваме поддршка за повисоки плати. Ова, меѓу другото, е и план за пораст на платите, како еден од двигателите на економскиот раст. Со покачувањето на минималната плата е направен првиот чекор за отворање на спиралата на пораст на платите – што гледаме дека веќе почна да се случува. Со Планот за економски раст дополнително стимулираме и помагаме исплата на повисоки плати и вработување на високо квалификувана работна сила и кадар.


Шесто, отвораме нови работни места. Креиравме мерки со коишто државата финансиски ќе им помага на компаниите да отвораат нови, подобро платени работни места. Тоа ќе води кон натамошно намалување на стапката на нвработеност.


Седмо, даваме поддршка и за воспоставување центри за истражување и развој. За прв пат во историјата на Македонија, правиме сериозни напори да го поттикнеме развојот на компаниите преку научна истражувачка дејност со државна поддршка за воспоставување на истражувачки центри во рамки на самите компании. Веруваме дека на тој начин нашите компании ќе се развиваат по новите современи трендови и стандарди што ќе придонесе кон технолошки развој на стопанството и нови иновации.


Осмо, даваме поддршка и за технолошки развој и иновации. Успехот на економските политики ќе се темели и врз технолошкиот развој и иновациите. Целта е нашите домашни компании да применуваат современи и модерни технологии и знаења за да станат компетитивни и да освојуваат странски пазари.


Деветто, пораст на конкурентноста. Создаваме предвидлива економска клима со којашто Македонија забрзано фаќа чекор со технолошки развиените земји. Целта е да им се придружиме на развиените држави во користење на нови технологии, во лансирање на нови производи и услуги, да учиме од успешните, нашите компании да ја зголемуваат својата конкрентност во регионот, во Европа, во светот.

Почитувани граѓани,
Македонија има потенцијал, има политичка волја, има знаења и ресурси да биде сериозен генератор на домашниот, но и на регионалниот економски развој. Создаваме мостови на пријателство со нашите соседи и работиме на зголемување на економската соработка. Тоа претставува наша заедничка цел и работиме во тој правец.

Затоа почитувани граѓани, потенцијални инвеститори, преземете чекор, охрабрете се, реализирајте ја вашата идеја и бизнис план. Вашата земја преку вашата влада ќе ве следи и помага. Директна поддршка ќе добиете сите, ќе бидеме ваш партнер. Одлична е 2018 година за храбри одлуки!

Паралелно со мерките од Планот за економски раст, Владата работи и на следните значајни аспекти:
Поголема реализација на капиталните инвестиции. Работиме на унапредување на инфраструктурата: патна, железничка и енергетска. Инфраструктурните вложувања ќе се вратат со многу голема придобивка за бизнис заедницата и за граѓаните. Ќе инвестираме и во училишта, болници, во нови водоводи и канализации, во депонии и пречистителни станици за води.

Покрај тоа, Владата подготви и сеопфатна програма за подобрување на опкружувањето за деловно работење. Македонија ќе се препознава како пријателска земја за бизнис, во што значаен придонес ќе имаат и мерките за прилагодувања на образовниот процес и на програмите на факултетите кон потребите и барањата на стопанството.

Со Планот за економски раст ќе развиваме економија којашто се создава на здрави основи, а придобивките од тој економски раст ќе бидат достапни за сите!
Економски раст за граѓаните, економски раст за стопанство, економски раст на Република Македонија. 

 


 

Во продолжение можете да ја погледнете целосната презентација:

 

Мерки на индустриска политика за поттикнување на инвестиции и конкурентност на македонската економија:

 

Measures of the industrial policy on stimulating investments and competitiveness of the Мacedonian economy:

 


 

Премиерот Заев и вицепремиерот Анѓушев одговараа на повеќе прашања од интерес на медиумите на прес конференцијата по повод Планот за економски раст

 

Колку очекувате странски директни инвестиции во текот на следната година. Значи само странски инвестиции, и во овој контекст како го оценувате рангот на Македонија на листата на Форбс, знаеме дека има пад од 28 позиции во поглед на условите за водење бизнис?

Премиерот Заев: Оваа програма, програмата за економски раст ан Република Македонија, има амбиции да биде екстремно примамлива за странски и домашни инвеститори. Јас се надевам на максимален обем. Но, она што очекувам да биде е повеќе од порано, поради тоа што видовте и по параметрите, оваа програма нуди повеќе. Истовремено, условите кои што се создадени во Македонија нудат повеќе. Мислам на позитивната севкупна пријателска клима која што е создадена во Македонија. Се надевам дека и на внатрешен план ќе паднат политичките тензии. Сето тоа е важно, за еден инвеститор да донесе одлука, да повлече кредити и да влезе храбро во инвестициски циклус.

Мене ми е значајно затоа што и дома препознавам сериозно големи ресурси. Доколку и домашните компании бидат охрабрени, јас сум убеден дека драматичноста на политичката криза низ која што помина Македонија и доведе до таквите параметри на Форбс кои што ги споменавте, веднаш ќе бидат пренебрегнати, и ќе се вратиме да блескаме во делот на инвестициите. И во домашните и странските.

 

До вицепремиерот Кочо Анѓушев: Дали може да се тргне границата од 29 години за самовработување која е сега како лимит? Треба да имаш до 29 години за државата да ти помогне да формираш бизнис идеја. Ако некој сака да работи, колку сака нека е, едноставно да му се даде шанса.
Второ, дали има шанса да се направат државни бизнис инкубатори? Бидејќи вие рековте ако има иновативност, но што ако некој сака да отвори фирма која што ќе работи на интернет? Не мора да е иновативна, но ако има бизнис модел и профит, нека се проба во тие државни инкубатори каде што државата би ги покрила само режиските трошоци, па он нека се проба да работи и да се докаже ако му успее. И трето дали има шанси да се подобрат инвестициите во неразвиените градови, кои што се буквално уништени, како Кратово на пример. Да му дадеме уште 10% на странскиот инвеститор ако сака да отвори хала во Кратово на пример.

Вицепремиерот Анѓушев: Благодарам за прашањата. Јас ќе тргнам по ред. Прво, до 29 години од активните мерки за вработување на Агенцијата за вработување. Оваа програма која што денес ние ја промовираме не подразбира никакво старосно ограничување во вработувањето. Значи апсолутно нема старосно ограничување и е во правец на тоа што вие го констатиравте.
Понатаму, околу инкубаторите, се разбира, во мерките за мали и средни претпријатија, а посебно во последниот дел каде што кажав дека се формира фонд, е точно за таа намена, и апсолутно нема никаква врска дали тука има иновативност или нема иновативност. Само аплицирањето на тие средства ќе оди преку фондот за иновативност. Но, таа програма не подразбира да има иновативност. Доволно е да имате добар бизнис план, државата ќе ве поддржи, ќе влезе со еквити во вашата структура и ќе ви биде партнер во креирањето на компанијата. Што се однесува на последното прашање, кое се однесува на регионалниот развој, оваа влада ќе биде посветена на рамномерен регионален развој. Значи не можеме ние да прикажуваме дека трошиме средства, а притоа да правиме еден голем град, а да не правиме држава. Ако сакаме да правиме држава, мораме да обезбедиме за сите граѓани во Република Македонија, да имаат приближно исти услови за живеење во сите делови ан Република Македонија. Тоа ќе биде направено не преку оваа програма, туку преку програмата за рамномерен регионален развој, од кој што во вчерашниот ден го конституиравме советот, и ќе почнеме во таа насока да работиме.

Јас се извинувам, надвор од вашето прашање, ќе ја искористам приликата да кажам нешто што претходно испуштив да го кажам во презентацијата. Тоа е дека оваа програма посебно ќе биде поддржувачка за македонската дијаспора, и дека министерот Едмонд Адеми, посебно ќе биде насочен кон привлекување на целото македонско иселеништво, да дојде, да ја препознае оваа програма, и македонските иселеници прв пат да бидат значајно поддржани од страната на државата. Јас се извинувам што ова го испуштив во презентацијата, но нема да ми замерите што сега го дополнив. Благодарам.

Овдека е најавено за овие активните мерки за вработување дека се однесуваат на 2017 и дека аплицирање е до 30 април. Што со компаниите што од 2018 ќе сакаат да вработат нови, за да си прават бизнис планови, колку работни места да планираат?

Вицепремиерот Анѓушев: Значи програмата е детерминирана на 5 години. Тоа значи дека сите, кои што година за година ќе ги исполнуваат условите, ќе може да ги користат и мерките.
Ние сега ќе дозволиме да аплицираат со завршните сметки од 2017 во март 2018, бидејќи завршните сметки се предаваат заклучно со февруари 2018 за 2017.

Тие кои што ќе вработат во 2018 и ќе направат инвестиции во 2018, или ќе задоволат било кој од критериумите во мерките, тие ќе аплицираат со завршната сметка за 2018 што ќе ја предадат во крајот на февруари, 2019 година, и така натаму следните 5 години. Така, секој инвеститор кој што сака да отвори инвестиционен циклус, ќе има предвидливи околности и услови во кои што ќе има предвидлива поддршка од државата и од владата за својот инвестиционен циклус.

 

Господине Заев, во врска со странските инвестиции, колку би било пречка што Македонија не е членка на НАТО? И колку членството во НАТО следната година би било атрактивно за странските инвеститори? Се сеќавам имав интервју во 2018 со романскиот амбасадор и тогаш ми рече дека од 1 милијарда, следната година, првата година од членството, инвестициите се покачиле на 4 милијарди.

Премиерот Заев: Постојат повеќе причини зошто Македонија со 75 -80 % од определбата на граѓаните е за НАТО и ЕУ, а со тоа и оваа влада. Мило ми е што и сите политички субјекти во државава се во тој правец. Цела лепеза на причини, но една од најважните причини е економските придобивки за граѓаните. НАТО, да, значи безбедност и стабилност, но НАТО, пред сè значи економски раст, економски инвестиции, повисоки плати и перспективи, пред се економски.

Видовме пример од најблиското соседство. Бугарија, по параметрите кои што ги имаме изучувано. До своето членство во НАТО има инвестиции во просек од некои 450 милиони евра, а кога станува земја членка на НАТО, инвестициите растат на повеќе од 6 милијарди, барем во таа година, а потоа инвестирањето следува со импакти во следните години.

Во Албанија, инвестициите се 5 пати зголемени наредната година откако станува членка на НАТО.

Внимателно ги следиме и оваа година со импакт и за следната година, Црна Гора која што е последната земја членка во НАТО.

Ова го кажувам поради важноста на многу аспекти, но пред се на економскиот аспект, да се биде членка на НАТО, па дури и да се добие охрабрување, многу значајно за домашните и странските инвеститори, кое што се вика датум за отпочнување на преговори со Европската Унија.

Затоа будно и посветено работиме. Во овој период мислам дека се наоѓаме во една измеѓу фаза, од фаза во која што бевме скарани во регионот, скарани со сите соседи, пркосевме на западниот свет, и слично, до конечната цел, полноправни членки во НАТО и ЕУ.

Во моментот сме пријатели. Пријатели сме со сите. Ова е мала земја, своите перспективи не може да ги гледа само на домашниот пазар. Затоа еден од столбовите е извозот. Ние преку пријателска атмосфера ќе номинираме услови кои се охрабрувачки за некој да заложи дома се што има, да земе кредит, да инвестира во Македонија, за да плаќа даноци, да дава плати. Кога ќе заработи, тој профит пак да го вложи во нови плати и нови даноци. Мора да постои атмосфера за оваа работа. Таа плус атмосфера на пријателство може да биде само со членство во НАТО и во ЕУ.

 

Господине Заев дали сте информирани од Генералниот секретар дека од вчера почнаа да се делат отказни решенија за група Роми кои работат во Владата? И не само за нив, туку и за дел од Македонците кои работат како државна администрација. Дали сте информирани и какви чекори ќе преземете? Тоа е голем и тежок проблем за тие луѓе што работат.

Премиерот Заев: Еве вака. Знаете дека Владата ниту помислува, ниту има намера да испушта работници. Шест месеци се молиме да дојдат на работа. Се молиме, луѓе дојдете на работа. Законот е три дена ако не се доаѓа на работа, лицето кое што ги потпишува платите носи законска одговорност. И апсолутно опомени, врз опомени, сеанси, состаноци. И со овие предлози за отказни решенија, пак закажавме состанок. Меѓу Нова Година и Божиќ. Јас ќе се видам со луѓето лично, за да се убедиме дека ако земате плата – мора да доаѓате на работа. Тоа се граѓани наши, јас не ги делам на Роми, на Македонци, на Албанци, Турци. Мора да доаѓаат на работа. И апсолутно да ја работат својата работа. Само тоа е причината. Се надевам дека ќе се потврдиме во тој дел, за да можат сите тие луѓе чесно да си ја извршуваат работата за која што граѓаните преку даноците ги плаќаат.

Господине Заев тоа било во времето кога ВМРО-ДПМНЕ ги вработил тие луѓе во администрација. Но, тие не добиле картичка три дена и затоа тие три дена се водат како да не дошле на работа. Тоа е проблемот.

Премиерот Заев: Ние ги поминавме тие работи со картичката, па не добиле, па биле евидентирани, па им се давале картички и било доволно еднаш неделно да ја отчитуваат. Поминавме во дебати и во дискусии со нив многу преку тоа. И треба да знаат сите – иако сме дојдени во финална фаза, дај боже луѓето да тргнат да работат. Мора да работат ако сакаат да добиваат плата. Тоа важи и за цела администрација.

Дали ќе бидат избркани од работа?

Премиерот Заев: Апсолутно секој што ќе сака да работи и чесно да си ја сработува својата работа за која што граѓаните на Македонија го плаќаат, нема да биде избркан. Ниту еден од нив. Јас не ги знам ниту по име, ниту по презиме. Тоа се мои сограѓани. И апсолутно се надевам дека ако се убедиме дека мора да одат на работа, тогаш и ќе останат на работа.

 

Господине Заев ВМРО–ДПМНЕ, денеска излезе на прес-конференција со информација дека сè уште нема договор, односно дека траат консултациите за враќање во Собранието. На дневен ред, таму се реформски закони. Што ќе биде преземено? И накратко, дали се условува враќањето на ВМРО- ДПМНЕ во Собранието со ослободување на притворените за 27 април?

Премиерот Заев: Јас вчера се видов со новиот претседател на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицковски. Имавме навистина конструктивна дебата, разговор за многу важни прашања. Во најголем дел се согласивме. Да, точно во еден дел не се согласуваме. Една од причините за која што не се согласуваме дека можеме да разговараме за тоа што е взаемна надлежност на партиите, политичките. А јас сум и предводник и на Владата на Република Македонија. Тоа што не е наша надлежност, ние не можеме да го дискутираме. Постапките на судот и на Јавното обвинителство се надвор од нашата надлежност. И тука не можеме да разговараме. Но, мене ми е драго што за нив е доволно. Мојот повик што секогаш го користам дека притворот треба да се користи во крајни инстанции. Крајни инстанции. Тоа го знаат најмногу вработените во правосудните органи. Тоа се судовите, обвинителите кои што бараат притвор или не. Има многу олеснителни мерки. И во тој дел и денеска останувам на тој став.

Јас мислам дека и мене, но и на поголем дел од граѓаните ние е преку глава од притвори. Притворот стана казна. Не ни треба тоа. Сакам транспарентни судски процеси, од Заев кој што е прв во извршната власт, па и за сите граѓани на Република Македонија. Посебно изразено за политичарите. Ако има докази, доказите се богови во постапката во нашето законодавство. Ако има докази, секој ќе одговара. Ако нема докази, ако нема доволно докази никој не треба да одговара. Од тој аспект охрабрувам независни постапки на правосудните органи во Република Македонија.

Истовремено, мене ми е драго што прифаќаат еден ваков однос на власта. Заради тоа, јас очекувам најбрзо можно пратеничката група на ВМРО- ДПМНЕ да се врати во Парламентот. Седницата што беше закажана за денеска е одложена. Мислам дека беа 5 седници за продолжение. Утре имаме пратенички прашања, ние ќе бидеме таму. Но, институтот пратенички прашања е пред сè, за опозицијата. Ние веројатно ќе одговориме ако има од опозицијата, БЕСА, не знам другите партии. Ќе бидеме таму. Но немам намера да одговараме на пратеничките прашања владејачкото мнозинство.

Тоа не е чесно пред граѓаните. Јас ќе бидам таму. Имаат право секако и тие пратеници да постават прашање. Ако не дојде ВМРО – ДПМНЕ, тоа ќе трае кратко. Искрено се надевам дека ако утре не се појават во Парламентот, дека ќе се појават веднаш после Новогодишните празници, кога ќе биде закажано новото продолжение на седниците или нови седници. Знам дека претседателот на Собранието планира на 9-ти Јануари продолжување на седници кои што не се завршени. Искрено апелирам заради иднината на Македонија опозицијата да се врати во Парламентот и да работиме заедно на реформите и за нашите ЕУ и НАТО интеграции, како и заедно секој во својот сегмент, во унапредувањето на сеопштиот квалитет на живот на нашите граѓани.

Има информација дека пратениците од партијата на Зијадин Села даваат оставки, односно ја напуштаат извршната власт. Како тоа го коментирате? Дали имате и вие таква информација?

Премиерот Заев: За мене е логичен чекор заради тоа што г-динот Зијадин Села на состанокот во мојот кабинет беше дециден дека не прифаќа потпретседател на Влада за реформи. Сепак оставија можност да дискутираат во партијата. Дискутираа во недела, објавија дека остануваат. Се понадевав дека навистина ќе останат и ќе доразмислат за потпретседател на владата. Веројатно тоа е последица дека конечно се откажале од прифаќање на понудата Потпретседател на влада за реформи, а согласно тоа, ги повлекуваат чекорите на повлекување на своите луѓе. Јас ќе ја почитувам нивната одлука каква и да биде. Но, секако сакам да се остави отворена врата, отворен прозор на соработка, прво таму каде што мораме да соработуваме, а тоа е интересот на граѓаните, реформите и важните процеси во Македонија, но се надевам и на секаков вид друга соработка во иднина.

 

Изминативе денови имаше информација дека вработени во одредени инспекциски служби не добиле плата повеќе од три месеци заради тоа што наводно немало директори поставено. Дали оваа информација е точна и ако е точна кога и како ќе го решите овој проблем?

Премиерот Заев: Информацијата е точна заради тоа што директорите станаа градоначалници. И директорот на Државниот градежен инспекторат, на Пазарниот инспекторат, на Комуналниот инспекторат мислам дека стана пратеник со испразнувањето на местата заради пратеници кои што станаа градоначалници. Владата ги подготвува сите аспекти. Мислам дека меѓу Нова година и Божиќ, на владина седница ќе бидат именувани новите директори за да можат да ги земат платите коишто се заостанати. Тоа е ноемвриската плата мислам, а и декемвриската плата. Значи една плата се доцни. Треба да знаат вработените во тие институции дека новиот директор веројатно првата негова задача ќе биде да даде плата. Платите стојат во буџетот на сите тие институции и ќе бидат исплатени.

 

Премиере овие денови јавноста со право е револтирана бидејќи неколку директори објавија огласи за набавка на автомобили по 25.000 или 30.000 евра. Еден во Клинички центар и еден во Агенција за стокови резерви. Дали можете како влада да ја ограничите сумата на 10.000 евра, па они да можат да си купат Астра, рено, има убави коли за 10.000 евра. Да се знае кој може да вози лимузина, а он нека си даде отказ, па нека си купи со свои пари порше ако сака?

Премиерот Заев: Ја сфаќам филозофијата на прашањето. Велиме дека влегуваме во стабилизација на економијата, не може да има стабилизација, ако се купуваат поприлично скапи возила. Јас секогаш со разбирање ја гледам потребата на институциите. Кога бараме Трудовиот инспекторат да се појави и да фати аномалии и да го заштити работникот тој мора да има и возило. Верувајте се купувале возила пред сè за врхушките, останале доле останатите.

Но, се согласувам со вас. Тоа мора да биде рационално. Имаме и тоа како квалитетни возила на лимитирани цени, таму кајшто е неопходно потребно. Таму каде што постојат возила треба да ги користиме тие возила. Ако одиме во стабилизација треба сите да засукаме ракавите и да се откажеме од непродуктивните трошоци. Се согласувам и ја користам приликата да апелирам да одат во рамките на нормалата. Ние сме сепак јавна администрација, слуги и сервис на граѓаните, треба да им служиме чесно, транспарентно и отчетно. Од тој аспекти апелирам до сите институции коишто најголем дел од нив се независни во своите одлуки, сепак јас сум врвот на пирамидата во извршната власт, директно апелирам, да ги рационализираат своите средства за набавка на возила и за други непродуктивни трошоци коишто ги имаат во рамките на своите буџети и да одат во нешто што е нормално, прифатливо и логично, а не со многу пари за скапи возила.

Само да се надоврзам на прашањето за коалицирањето со Алијанса на Албанците. Дали доколку дефинитивно, зашто очигледно таква беше одлуката колку што можевме ние како медиуми да разбереме, излезе од коалицијата партијата на Зијадин Села, вие како влада ќе преминете кон разрешување на функционери кои што беа назначени од оваа партија и на нивно место ќе се назначат евентуално други, и дали е доведено во прашање мнозинството во Собранието?

Премиерот Заев: На последната седница на Парламентот, каде што се одлучуваше за кадровски прашања, немавме гласање од двајцата пратеници од Алијанса за Албанците. И тоа само по себе покажа какви ќе бидат идните намери на Алијансата за Албанците. Гледате дека не сум премиер или политичар кој што брза веднаш некого да смени.

Кога ќе влезете во внатрешноста, во Гевгелија има 32 подрачни единици, 8 се променети. Другите треба да одат по транспарентна постапка, нормално по пат на конкурс, едно по едно, нормално, кај брзаме? Тоа се наши граѓани. Јас верувам во капацитети на многу луѓе од претходната власт, и би ги искористил до крај, и јас им препорачувам на сите менаџери по институциите, ние треба да ги искористиме нашите капацитети, во тоа име јас не брзам нешто со разрешување. Денеска сабајле преку медиумите прочитав дека почнале да си даваат оставка луѓето, ќе го следам процесот, ќе видам за што се работи. Има квалитетни луѓе помеѓу нив, со кои јас лично би соработувал.